Во Драчево утрово е спроведена акција за уривање на нелегален објект во фаза на изградба. Како што информираат од Општина Кисела Вода, станува збор за индустриски капацитет, чиј сопственик ја започнал градбата кон крајот на летото, без да поседува каков било документ.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој присуствуваше на уривањето, упати порака дека во Општина Кисела Вода ќе смее да се гради исклучиво законски и дека нема да има толеранција за никого.
– Законот мора да важи за сите подеднакво, не смее веќе да има повластени лица и дискриминирани граѓани во Општина Кисела Вода. Денес, започнавме со рушење на диво изграден објект во Драчево, чија градба започнала без соодветната документација, но со амин од претходната општинска администрација. За ова, јас ќе имам нулта толеранција. Законот е највисоката инстанца, која никој не смее да ја прескокне ако сакаме правна држава и Општина во која секој граѓанин ќе биде еднаков. Кисела Вода мора да биде општина од 21.век, општина за сите луѓе – подеднакво, потенцира градоначалникот Ѓорѓиевски.