Во Рајски парк во општина Аеродром денеска ќе бидат засадени дрвја како придонес за чист воздух и зачувување на животната средина во рамки на Програмата за зелена економија за Западен Балкан (GEFF) на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Програмата за зелена економија за Западен Балкан, основана од ЕБОР, е кофинансирана од Европска Унија, австриското Федерално Министерство за финансии и билатералните донатори на Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework – WBIF). Ова е дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан која е имплементирана во партнерство со Секретаријатот на енергетската заедница.
– За помалку од четири години, над 9000 домаќинства од Западен Балкан инвестираа околу 45 милиони евра во технологии на заштеда на енергија, благодарение на Програмата за зелена економија за Западен Балкан (Western Balkans Green Economy Financing Facility-WB GEFF). Успехот на Програмата се потпира на силната соработка помеѓу локалните партнерски финансиски институции на ЕБОР и локалните продавачи, соопшти ЕБОР.
На настанот ќе се обратат Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР во Северна Македонија, евроамбасадорот Дејвир Гир, амбасадорот на Австрија Георг Вуцас, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и претставници од неколку банки.