Франсиска Сузано, позната и по прекарот Лола, за која се верува дека беше најстарата личност на светот и последниот жив човек роден во 19 век, почина завчера во нејзиниот дом во Кабанкалан, на Филипините.

Според Гинисовата книга на рекорди, Лола се најде на долгиот список кандидати за највозрасни луѓе на светот, откако во 1997 година на 122-годишна возраст почина Французинката Жан Кaлмен, пишува „Дејли мејл“. Причината за смртта на Сузано сѐ уште не е потврдена, но се знае дека таа немала симптоми на Ковид-19. Оваа жена, која минатиот месец го прослави 124. роденден, е родена на 11 септември 1897 година, кога нејзината земја сè уште беше под власта на Шпанија, а ѝ била речиси современичка и на славната британска кралица Викторија.

Политичарот Родолфо Орденс поднесе петиција по нејзиниот последен роденден, повикувајќи го Претставничкиот дом, како признание за нејзиното „монументално достигнување“, да ѝ додели 15.000 фунти.

Во денешното соопштение на Градот Кабанкалан се вели: „Со тага во нашите срца, соопштуваме дека нашата сакана Лола Франциско Сузано почина во понеделник, на 22 ноември, во раните вечерни часови“.

Лола важи за најстарата личност на Филипините, а Гинисовата книга на рекорди веќе проверува дали таа навистина била и најстарата личност на светот.


Администратор
24/11/2021 11:19