Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со сообраќајната полиција – Скопје минатата недела санкционираа 235 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Во периодот од 15 до 21 ноември 2021 година, со помош на специјалните возила „пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 127 непрописно паркирани возила. Со поставување на механичко средство „блокатор“ санкционирани се 108 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.
ЈП ПОЦ и Општина Центар соопштија дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територијата на оваа локална самоуправа.