Македонската репрезентација е новиот светски шампион во CS:GO на Мундијалот во Ејлат, Израел. Екипата на BlueJays ја испишаа новата глава во македонскиот спорт: „Ерата на е-спортот“.

Во финалето имавме можност да им се одмаздиме на Романија за поразот којшто не турна на губитничката страна од ждребот. По блискиот и тензичен натпревар против Украина, имавме можност да се одмориме и со свежи сили да влеземе против екипата на One Tap Gaming. Мапите кои го одлучуваа светскиот шампион беа Inferno(избрана од Македонија), Mirage (избрана од Романија), а во случај на мајсторка, шампионот ќе се одлучуваше на Vertigo.

На нашиот избор изигравме феноменално, иако не започнавме така. На полувремето заминавме со минимална предност, а во второто полувреме бевме недопирливи и триумфиравме со 16:10.

Mirage ни е веќе познато бојно поле против Романија, имајќи предвид дека во вчерашниот дуел таа беше мапата која ја освоивме против тимот на One Tap. Александар „CacaNito“ Ќулукоски, Дамјан „kyxsan“ Стоилковски и Павле „stYleEeZ“ Стојановски беа навистина мотивирани што сите завршија со ист број на совладани противници.

МАКЕДОНИЈО, ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ВАШИТЕ НОВИ СВЕТСКИ ШАМПИОНИ И ГОВОРЕТЕ ГО НИВНОТО ИМЕ ГЛАСНО И ГОРДО:

Александар „CacaNito“ Ќулукоски

Дамјан „kyxsan“ Стоилковски

Јане „aidKiT“ Апостолоски

Павле „stYleEeZ“ Стојановски

Кристијан „FODOR“ Поповски

Пишува за Макпрес: Марко Гулевски Фото: МЕСФ