Петар Богдановски е трикратен шампион на Македонија во боди-билдинг и млад спортист по потекло од Делчево, кој ќе не претставува на 75-тото Светско првенство во боди билдинг, што неделава ќе се одржи во Санта Сузана во Шпанија.
Со боди-билдинг професионално се занимава од 2018 година, кога првпат застанува на бина, а првиот медал го освоил по една година. Поради тоа што бил доста слаб во детството започнал со вежбање од 2014 година, а потоа почнува посеризоно да се знимаваа со тренинзи по што доаѓаат и првите настапи.
– Почнав да вежбам уште 2014 година на 15-годишна возраст. Најпрво целта ми беше да покачам малку мускулна маса, бидејки бев доста слаб и да направам некое солидно тело за на лето, така речено „тело за на плажа”. Но, со тек на времето почнав да читам и учам како правилно да се хранам, како правилно да тренирам. Се фокусирав на тренинзи и квалитетна храна и цело време читав и учев во врска со боди билдингот и тоа што го учев го применував во пракса. И така почнаа да доаѓаат резултатите, јас постепено почнав да напредувам и кога се гледав во огледало како напредувам, си реков тоа е тоа, ова сакам да го правам и се роди голема љубов спрема боди-билдингот, појаснува Богдановски.
Тој поминувајќи одреден временски период во тренинзи ја направил потребната голема промена на неговиот физички изглед по што дошло време и за првите настапи, што се множеле и како минувало времето му го донесоа и првиот настап на Светско првенство што неделава ќе се одржи во Шпанија.
– Се почна во 2018 година кога прв пат излегов на сцена, се натпреварував во категорија Џуниот тинс до 19 години каде имаше доста голема конкуренција. Го освоив бронзениот медал со освоено трето место во мојата категорија. Квалификациите за Светско првенство ги обезбедив со тоа што на Државно првенство Атлета на Македонија 2021 станав Државен шампион и победив во мојата категорија, Боди билдинг јуниори до 23 години. На 75-тото Светско првенство во боди билдинг и фитнес кое ќе се одржи во Санта Сузана во Шпанија. Ќе ја претставувам нашата земја, заедно со мојата другарка и колешка Мери Акиевска, која исто така е неколкукратен државен и балкански шампион во категорија велнес фитнес, додаде Богдановски.
Боди билдингот, како што вели тој, е индивидуален спорт кој бара многу голема пожртвуваност, посветеност, работа и дисциплина. Исто така, клучна улога има истрајноста, силниот карактер и најмногу од се желбата тоа да се работи со голема љубов. За да успее во овој спорт тој се одрекол од многу работи, кои не одат во исти „кош“ со боди билдингот, како на примет алкохолот, пушењето цигари, излегувањето по дискотеки и сл.
– Пред се важна е желбата и волјата да се работи. За сериозни резултати треба и сериозен пристап и професионалност. Боди билдингот е спорт во кој колку си спремен да дадеш, вложиш, од себе, толку и ќе ти се врати назад. За развојот на еден „боди-билдер” е важно најпрво да се има желба и визија која е целта и колку си спремен да вложиш и да се жртвуваш, за да ја постигнеш таа посакувана цел, додава младиот боди-билдер.
Според него, клучна улога за да се успее е исхраната, квалитетниот тренинг, како и добриот одмор.
– Една од најважните работи во овој спорт е исхраната. Најголема и клучната улога ја има тренингот, мора да вежбате јако, напорно и интензивно, а потоа да му дадете на телото доволно квалитена храна или така кажано макро-нутриенти (протеин, јаглехидрати и масти) и визија и доволно одмор, за да може телото да регенерира и да напредува. Исто така за крај ќе ги додадам и суплементите или така кажано додатоци во исхраната, кои исто имаат голема улога, за да може квалитетно да се напредува, битни се, но не се клучен фактор, се може и без нив. Трите најважни работи се: квалитетен тренинг, квалитетна исхрана, одмор и за крај под број 4 би ги ставил суплементите, додава Богдановски.
Поради неговото потекло тој често доаѓа во родното Делчево, каде го врзуваат добри спомени од детството.
Неговата порака до младите е да спортуваат, бидејки, според него, најважно е да се активни и тоа да го прават најпрво за себе за да бидат здрави и да изгледаат убаво.
За тие што веќе се занимаваат со некој спорт, им порачува да не се откажуваат, за големи резултати и успех, вели, треба време и трпение, но и напорна работа.
Трикратниот државен првак Петар Богдановски во моментот работи како тренер кој држи персонални тренинзи. Тој е и лиценциран тренер на ИФФБ Светската федерација.