САД нема „од логистички причини" да се приклучат на меѓународните преговори за Авганистан, што утре ги организира Русија, објави американскиот Стејт департмент.
-Нема да учествуваме во преговорите во Москва, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс. Тој нагласи дека САД го поддржуваат процесот и се отворени за учество во идните преговори.
Прајс додаде дека преговорите биле ефикасни во минатото, но дека од логистичка гледна точка, на САД им е тешко да учествуваат во нив оваа недела. На прашањето дали САД го поддржуваат процесот, тој кратко одговори „да".
Тој, исто така, оцени дека форматот „Тројка плус", што го сочинуваат Русија, САД, Кина и Пакистан, е „ефикасен и конструктивен форум". Како што беше претходно најавено, в среда во Москва ќе се одржат разговори со претставници на талибанците, Кина и Пакистан.