После учеството во Официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и на фестивалите во Сараево, Конкорто во Италија, Батуми и Сванети во Грузија, Тирана, Рејкјавик, Монпелје и Солун, филмот „Северен Пол” на Марија Апчевска-Петровска, во продукција на Кино Око ќе биде дел од Официјалната конкуренција на уште еден фестивал од А-категорија. Со проекција на 17-ти ноември, филмот ќе биде прикажан на Black Nights Film Festival (PÖFF) во Талин.

Од 2019 година Black Nights Film Festival (PÖFF Shorts) е член на Европска филмска академија (EFA) и на секое издание фестивалот кандидира еден краток филм во изборот за Европски филмски награди. Исто така, овој фестивал секоја година номинира и филм за наградата на Британската академија за филм и телевизија (BAFTA).

По овој фестивал во текот на ноември следува учество на фестивалот во Стокхолм и други европски и светски фестивали.

Главните улоги ги толкуваат: Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија Влатко Самоиловски, костимограф Билјана Гргур, сценограф Кирил Спасески, монтажер Драган Вон Петровиќ, шминка Горан Игњатовски, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков.

Филмот е во продукција на „Кино око” во копродукција со „Сервиа филм” и „Форгрејд” од Србија и ”Тиволи продукција” од Унгарија. Финансиски е подржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и Српскиот филмски центар.


Администратор
18/10/2021 15:59