Во Делчево без проблеми се одвива гласањето на стари и изнемоштени лица. На територијата на Општина Делчево со право на глас се регистрирани 239 граѓани, кои како дел од оваа категорија граѓани своето право на глас го остваруваат еден ден пред изборите. Владимир Петровски член на избирачко место информираше дека денешното гласање во Делчево тече беспрекорно.

-На нашата територија на гласачкото место 0577/1 каде се наоѓаме сега има вкупно пријавено четири болни изнемоштени лица. Досега во однос на гласањето се течеше во најдобар ред, двајца веќе гласаа, а на ова избирачко место ни остануваат уште двајца гласачи. Се надеваме дека и утре се ќе тече во најдобар ред и навреме ќе започне гласањето, рече Петровски.

Во Делчево на утрешните локални избори ќе се гласа на 36 избирачки места, од кои 15 избирачки места се во Делчево, а на 21 избирачко место ќе се гласа во околните села.

-Вкупно право на глас имаат 14.736 лица, од кои согласно избирачкиот список 13.569 се на територијата на Општина Делчево, додека 1.167 граѓани од списокот се на привремена работа или со престој во странство, истакнаа од канцеларијата на Државната изборна комисија во Делчево.

Во соседна Македонска Каменица, утре ќе се гласа на 17 избирачки места, од кои седум избирачки места во Македонска Каменица и 10 во околните села. Во Македонска Каменица регистрирани се вкупно 6.729 гласачи од кои 448 се гласачи со привремен престој во странство.


Администратор
16/10/2021 15:56