Нова детска градинка со капацитет да згрижи 110 деца наскоро ќе биде пуштена во употреба во населбата Драчево во општина Кисела Вода.

Таа ќе има шест групи, две јасли за деца до две години, и четири групи за деца од две до шест години. Градинката е во финална фаза, останува уште хортикултурно да се доуреди и да се постави опремата.

-МТСП во соработка со Светска банка гради 16 детски градинки. Ова е една од нив која ќе биде завршена пред почетокот на новата година. Градинката е градена согласно најсовремените стандарди за изградба на објекти за згрижување деца од предучилишна возраст, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која заедно со градоначалникот на општина Кисела Вода и кандидат за уште еден мандат Филип Темелковски, направи увид во завршните активности.

Шахпаска нагласи дека во текот на годинава биле отворени 15 градинки, а оти до крајот на годината ќе бидат отворени уште десет.

МТСП, рече, и натаму работи и на зголемување на професионалните перформанси на вработените затоа што, според неа, нашите деца го заслужуваат најдоброто.

Темелковски, пак, посочи дека со отворањето на оваа градинка ќе се реши проблемот проблемот за сместување и првична едукација на децата во населбата Драчево, а со тоа, нагласи, и во Кисела Вода.

-Како општина во претходниот мандат се обврзавме да инвестираме во нашите најмлади преку изградба и реновирање на градинките, опремување со реквизити за настава и игра, изградба на игралишта и катчиња за забава на децата за да може слободно да уживаат во нивното запознавање и дружење, рече градоначалникот на Општина Кисела Вода.

Најави дека во следниот мандат ќе продолжат со инвестирање во иднината на децата, кои рече, се иднината на на општината и на државата, преку изградба на нови градинки и проширување на постојните капацитети, нови игралишта, организирање спортско-едукативни настани преку кои, како што нагласи, децата ќе можат да го засакаат образованието, спортот и практикувањето здрави навики кои ќе се изградат во личности со вистински вредности.