Кандидатот на ГРОМ за градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска најави проект за млади брачни парови. Планот на Јакимовски предвидува општината да обезбеди државно земјиште на кое младите брачни парови ќе можат да изградат типски куќи, за што ќе бидат ослободени и од комуналии.
Јакимовски информира дека целта е да им се помогне на овие млади луѓе при решавање на еден од најсериозните проблеми со кои се соочуваат при формирањето семејство, а тоа е обезбедување дом.
– Најголем проблем при формирање на младо семејство е обезбедување на работа и решавање на станбеното прашање. Имајќи предвид дека во општина Карпош квадрат стан достигнува веќе и до 1400 евра, тоа значи дека за млад брачен пар купување на стан е невозможна мисија. Од тие причини, локалната самоуправа на потегот кај Злокуќани и во касарната Илинден, ќе издвои државно земјиште кое што ќе го стави на располагање на млади брачни парови да можат да изградат типски куќи. Истите ќе бидат ослободени од комуналии за да можат да направат дом за себе и за своето семејство, најави Јакимовски.