Судскиот совет ќе одреди три суда во кои ќе се спроведува Методологијата со индикатори за утврдување сложеност на предмети. Планот е по една година Методологијата да се спроведува во сите судови, од страна на сите судии. Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, во интервју за МИА појаснува зошто е важна Методологијата, како и дека преку индикаторите ќе се одредуваат предметите по нивната сложеност.

Според неа, Судскиот совет во изминатиот период вложил напори кај политичките авторитети да ги увери дека независноста со финансиите ќе значи и независно одлучување, што, пак, значи зајакнато судство.

Во интервјуто за МИА претседателката на Судскиот совет говори за состојбата со бројноста на судии, за кои вели дека во моментов има околу 490 судии, како и дека до крајот на 2022 година во пензија ќе заминат 60-тина судии, со што бројката ќе стигне до 430 судии. Појаснува дека според систематизацијата се предвидува дека се неопходни околу 630 судии за да може предметите побрзо и поефикасно да се решат.

Црвенковска не се согласува со одредени заклучоци и мислења од спроведениот мониторинг за работата на Судскиот совет, бидејќи, според неа, не соодветствуваат на реалната состојба, на реалните ситуации што се во Судскиот совет. Според статистиката на Советот, таа во интервјуто за МИА вели дека најголем број претставки има за судии од скопскиот кривичен и од скопскиот граѓански суд, како и од Апелациониот суд во Скопје и Управниот суд, потоа следуваат судии од Битола, Охрид, Кичево, Гостивар.

По објавувањето на кусата најавна вест за интервјуто за МИА објавена вчера, Судскиот совет побара дополнување на одговорот на прашањето кое се однесува на тоа колку преставките за одговорноста на судии има во моментов доставено до Судскиот совет, наведувајќи дека преставки за работата на судовите има околу 480, а барања за одговорност на судии има 50.

Пред неколку дена на седница ја донесовте Методологијата за утврдување на сложеноста на судските предмети преку која ќе се прави правилен распоред на предмети, оној судија што има посложени предмети, да има помал број за работа и обратно. Како и кои се индикаторите што ќе го утврдуваат степенот на сложеност на предметот? Кога ќе започне нејзината имплементација и дали ќе има прво пилот-проект?

– Во многу скоро време Судскиот совет ќе одреди три суда во кои ќе се спроведува Методологијата со индикатори за утврдување сложеност на предмети. Планот е по една година Методологијата да се спроведува во сите судови, од страна на сите судии. Зошто е важна Методологијата? Таа, според индикаторите, ќе ги одредува предметите по својата сложеност, дали предметот не е сложен, дали малку или е многу сложен. Секој од судиите ќе има обврска во одреден образец да внесува податоци за предметот, како што се број на сведоци, број на докази, очекувани рочишта и други податоци што ќе помогнат одреден предмет да се класифицира според сложеноста. Кога ќе се знае точната бројка предмети според нивната сложеност, тогаш поедноставно ќе биде да се врши нивно распределување, односно оној судија што има посложени предмети да има помалку во тековната година, а оној судија што ќе има помалку сложени предмети да има поголем број предмети за решавање. Ова е проверен начин за намалување на бројот на предмети во судството и нивно целосно решавање.

На минатите седници разрешивте повеќе судии, некои со барање за пензионирање, некои од лични причини, но има ли разрешени поради непрофесонално работење. Колку политиката се исклучува при одлучувањето за нечие разрешување?

– Кога Судскиот совет констатира престанок на мандат на одреден судија поради негово пензионирање или, пак, ако поднесе лично барање од свои приватни причини за престанок на функцијата, тогаш немаме многу простор за поинаква одлука освен да го удоволиме барањето на судијата, односно да констатираме дека некој ги исполнил условите за пензија. Така беше и при последните одлуки кога имавме случај со судија кој сам бара да му престане мандатот, но и при неколку случаи на судии кои ги исполниле условите за пензионирање. Што се однесува до останатите разрешувања, оние кои се отворени пред Судскиот совет за непрофесионално постапување, важно е да се напомене дека одлуките за сите случаи со разрешени судии се донесени речиси едногласно. Може понекогаш да има еден – два гласа против, но генерално сите членови својот став го црпат од извештај на комисија, односно доказите и од материјалите што ги имаме на анализа кога ја носиме одлуката. И кога се постапува согласно доказите членовите на Советот не може да одлучуваат под влијание на политиката, односно тие мора да одлучуваат според правото и правната материја.

Колку претставки има во моментов за утврдување одговорност кај судии и кога ќе бидат на дневен ред?

– Во моментов во Судскиот совет има околу 480 претставки поднесени од граѓани, правни лица, невладини организации, а барања за одговорнот кај судии 50. Сите претставки се распоредени кај членовите на Судскиот совет. Секако дека за толкав број претставки е неопходно подолго време додека ги поминеме сите, а во меѓувреме постојано стигаат и нови. Инаку, Судскиот совет еднаш во месецот одржува седница посветена на граѓанските претставки и на тие седници се носат одлуки за десетици предмети, откако претходно членовите на Советот ќе реферираат за секоја претставка одделно. За да нема забуна во јавноста, преставките не се директно барање за нечија одговорност за разлика од барањата за утврдување одговорност.

По 20 години ги отворивте седниците на буџетскиот совет. Очекувате дека со увид на јавноста во парите во судството ќе се подобри состојбата?

– За мене како претседателка на Судскиот Совет транспаретноста е една од главните карактеристики во работењето. Јас и некои од членовите вложуваме максимални напори да го отвориме Советот, да имаме појасна и подиректна комуникација со граѓаните. Само така ние можеме правилно да ја информираме јавноста за сето она што го работиме, особено во периодов, кога во тек се реформи во правосудниот сектор. Оттаму и мојата заложба во иднина седниците на Судскиот буџетски совет да бидат отворени кон јавноста. Ние нема што да криеме, особено поради тоа што трошиме пари на граѓаните, па една од придобивките на демократијата и на транспаретноста е тие граѓани да знаат како се управува со финансиите во Судскиот совет. Не може да очекуваме дека со јавниот увид во финансиите ние ќе ја подобриме финансиската состојба во судството затоа што за тоа нам ни се неопходни дополнителен број средства, но пред граѓаните ќе покажеме дека се грижиме секој денар да биде потрошен наменски и дека не трошиме на луксузирање, туку на трошоци од кои зависат функционалноста и ефикасноста на судството. Околу 80 отсто од судскиот буџет се троши на плати, а остатокот на тековни трошоци, а многу мал дел на инвестиции.

Која е пречката судството да стане независно и самостојно во поглед на финансиите и дали оваа зависност практично го прави судството да биде зависно и во одлуките. Колкав дел од Буџетот се двои за судството и дали е тоа доволно и дали финансиската самостојност ќе значи порационална распределба на парите и нови вработени?

– Генерално не постои некоја голема причина за судската власт да стане финансиски самостојна и независна. Судскиот совет во изминатиот период вложи напори кај политичките авторитети да ги увери дека независноста со финансиите ќе значи и независно одлучување, што, пак, значи зајакнато судство. Оваа година се издвоија 0,3 отсто од БДП за покривање на трошоците во судството, но свесни сме и ние во Советот, а таков впечаток оставаат и во Владата, дека оваа бројка многу брзо ќе се зголеми. Ако сакаме да зборуваме за добро финансирање во судството, тогаш е добро да имаме 0,8 отсто од БДП, што секако може да се постигне постепено. Ако Судскиот буџетски совет има доволно пари и има независност во одлучувањето, тоа ќе значи и нови вработувања, но и порационална распределба на финансиите. Сето тоа ќе ни помогне во процесот на реформи, кои знаеме дека повлекуваат и дополнителен кадар во правосудството и повеќе пари.

Каква е состојбата со заминувањето на судии во пензија наспроти состојбата со нови кадри произведени во Академијата?

– Во моментов имаме околу 490 судии, а до крајот на 2022 година во пензија ќе заминат 60-тина судии, па бројката ќе стигне до 430 судии. Таа бројка малку ќе се зголеми со изборот на нови судии од редот на студентите од Академијата за судии и јавни обвинители, но сепак повторно ќе имаме помал број судии од потребниот. Систематизацијата предвидува дека ни се неопходни околу 630 судии за да може предметите побрзо и поефикасно да се решат, односно во речиси сите судови низ државата, и пониските, и повисоките, недостигаат судии, а со пензионирањето до крајот на следната година судовите ќе имаат за околу 180 судии помалку од предвидената систематизација.

Каков е соодност на судии во нашата држава со европскиот просек на 100 илјади жители и доколку имаме повеќе и да треба да се намали бројот на судии, како ќе се постигне со предметите што и вака не стигаат да ги решат?

– Европскиот просек предвидува по 21 судија на секои 100 илјади жители. Ако се водиме по оваа статистика, прво мораме да го почекаме пописот за да знаеме колку точно жители имаме во државата. Ако ја земеме бројката од два милиона жители, тогаш ние според европскиот просек би требало да имаме 420-430 судии. Ако, пак, пописот покаже дека имаме под два милиона жители, тогаш оваа бројка би стигнала и до 400, па и под 400 судии. Само за компарација, ние во моментов имаме околу 490 судии, што значи повеќе од просекот, но и во ваква ситуација ние имаме неажурни судови, кои не успеваат да ги совладаат сите предмети. Ако бројот на судии се намали, тогаш пропорционално ќе расте бројот на нерешени предмети и ние постојано ќе го трупаме судството со нови и нови предмети… Поентата на судските реформи е што побрзо да се ослободиме од големиот број предмети и во иднина да не дозволиме одново да ги затрупаме судовите. За да биде сето ова можно, неопходни ни се судиите, и затоа Судскиот совет е против намалување на бројката на судии. Со оглед дека имаме и одредена бројка судии кои се пред пензија, ние мораме да вработуваме нови судии, а не да го намалуваме постојниот број.

За работата на кои судии, претседатели на судови и судови граѓаните и правните лица најчесто поднесуваат претставки и поплаки?

– Отсекогаш доминирале преставки за судовите од апелационото подрачје за Скопје, со оглед дека тука се и најголемите судови со најголем број предмети. Ако ја погледнеме статистиката, се утврдува дека најголем број претставки има за судии од скопскиот кривичен и од скопскиот граѓански суд, како и од Апелациониот суд во Скопје и Управниот суд, потоа следуваат судии од Битола, Охрид, Кичево, Гостивар итн…

Kакви активности планирате на полето на дигитализацијата до крајот на оваа година?

– Дигитализацијата е еден обемен процес за кој се потребни и време и финансии. Носител на проектот за дигитализација во судството е Министерството за правда, па деталите ги имаат таму. Она што е важно за Судскиот совет е дека со дигитализацијата судството ќе стане поефикасно и поажурно, а пред сè подостапно за граѓаните, особено во делот за вадење потребни документи за кои сега мора физичко присуство на шалтер. Во иднина таквите докиументи ќе може да се подигаат дигитално од дома. Дополнително, дигитализацијата на судниците ќе овозможи побрзи, поефикасни и потранспарентни судски процеси. Ќе постои можност за видео- и аудиоснимања на судските процеси, а странките во постапките поедноставно и побрзо ќе комуницираат. Со еден збор, дигитализацијата ни е неопходна и колку побрзо се спроведе, толку побрзо ќе имаме поинаква слика во судството, а со тоа и поинаква перцепција од страна на граѓаните.

Од спроведениот мониторинг на работата на Судскиот совет презентирани на завршна конференција Влијанието на мерит-системот врз судската независност и професионалност во Македонија е констатирано дека вообичаена практика барем во изминатава година е одржување неформални колегиуми на Судскиот совет во коишто се остава впечаток дека веќе претходно одлучувате и решавате некои од прашањата коишто се тема на дневен ред на актуелната седница, а потоа само се произнесуваат „да“ и „не“ при нивното гласање.

– Заклучоците коишто произлегоа од конференцијата на Коалицијата за правично судење и нивните анализи коишто ги правеле, Судскиот совет во секој случај ќе ги има предвид и ќе ги разгледа на една од наредните работни тела, јас би ги нарекла, не колегиум. Добро е што е мониторирана работата на Судскиот совет и добро е што се дадени одредени укажувања од страна на Коалицијата за подобрување на работата на Советот, но не можам да се согласам со одредени заклучоци и мислења коишто беа изнесени, бидејќи не соодветствуваат на реалната состојба, на реалните ситуации што се во Судскиот совет.

На пример, се кажа дека записниците од седниците на Судскиот совет не се објавувани. Не е точно. Секој записник од одржана седница е објавен на веб-страницата освен оние делови од записникот што со Законот за Судскиот совет е пропишано дека не смееме да ги објавиме, а кои се однесуваат на постапката за разрешување судии. Законот за Судски совет е дециден, значи постапката за разрешување судии е од доверлив карактер и е исклучена јавноста, со цел прво да се заштитат интегритетот и личното достоинство на судијата сè додека не се донесе правосилна одлука, а од друга страна и заради заштита на личните податоци со коишто сме обврзани со Законот за лични податоци.

Се спомена исто така дека одлуките на Совет за избори и разрешување не се објавуваат. Не е точно. Секоја одлука на Судскиот совет за избор и разрешување се објавува, но одлуката за разрешување се објавува откако ќе стане правосилна, и морам подетално за јавноста да објаснам како тече постапката, бидејќи очигледно постојат одредени нејаснотии.

Значи, кога ќе се добие барање во СС за утврдување одговорност на судија, прво се формира тричлена комисија по пат на ждрепка, којашто прво испитува дали барањето е навремено, дали е целосно и дали е очигледно неосновано. Дали е навремено е пресудно, бидејќи во Законот за СС е децидно наведено дека барањето за утврдување одговорност може да се поднесе во рок од 6 месеци, тоа е субјективниот рок и во рок од три години објективниот рок од денот на осознавањето на повредата којашто е сторена. Откако комисијата ќе ги испита овие елементи на барањето, подготвува извештај. Тој извештај се разгледува на седница на СС, и потоа продолжува постапката.

Ако сите овие три елементи се исполнети, продолжува постапката по барањето. Во тој момент, барањето се доставува до судијата за коешто е поведена постапката. Судијата има право да даде одговор на барањето докази да приложи со коишто ќе ги оспори барањата. Значи, постапката во Судскиот совет е специфична за разрешување судија, но сепак одржуваме расправа каква што се одржува во секоја судница. На таа расправа судијата може да донесе и адвокат, може тука да е присутен и подносителот на барањето, може директно да ги оспори сите наводи коишто ги изнесува подносителот на барањето. Може да приложи докази со коишто ги оспорува тие наводи. По завршувањето на расправата, Комисијата подготвува извештај и тој извештај се става на седница. Прво се испитуваат овие елементи, а потоа се става на јавна седница, којашто е од затворен карактер.

И на таа јавна седница, не е точно како што се наведе и некаде прочитав дека судиите се разрешуваат без воопшто да знаат зошто се разрешени. Од сето ова што досега го кажав гледате дека судијата е цело време во тек со целата постапка. На таа јавна седница се одлучува најпрвин за запирање на постапката. Значи, не е точно дека одлучуваме за најтешката мерка, разрешување судија, потребни се седум гласа за да се одлучи за запирање на постапката што е поведена против судијата. Ако не се изгласаат тие седум гласа, потоа се продолжува и се гласа за одлуката за разрешување на судијата поради нестручно и несовесно постапување.

Доколку и тука не ги добие потребните гласови, тогаш се оди на дисциплинските мерки. Е, тука се оди од најтешката кон најлесната. Најтешката дисциплинска мерка е 30 отсто скратување од плата, а најлесната е опомената.

Воедно, по одлуката на Судскиот совет за разрешување, по евентуална жалба, одлучува Врховниот суд и тогаш станува правосилна, и може да се објави, така што дали е основана и образложена донесената одлука подлежи на проверка на девет судии, тројца од Врховен суд, четворица од апелациите и двајца од матичниот суд на судијата за кој е поведена постапка.

Борис Куноски


Администратор
02/10/2021 14:31