Кандидатот за градоначалник на Прилеп и Коалицијата „Обнова на Македонија“, Борче Јовчески на денешната прес-конференција ги нагласи, како што рече, трите клучни проекти за решавање на инфраструктурните проблеми на градот: три монтажни катни гаражи во центарот, инфраструктурна реконструкција во Старата прилепска чаршија и реконструкција на дел од плоштадот „Методија Андонов Ченто“.
-Трите ударни и приооритетни мои проекти ќе бидат: реконструкција и уредување на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ на потегот од ОУ „КочоРацин“ до споменикот на Пеце Атанасовски, обезбедување на паркинг простори, и тоа како неопходни на три локации во централното подрачје една зад општинската зграда, зад Градската кафеана и кај споменикот „Карпалак“. Исто така, средувањето на Старата прилепска чаршија мора да го надополниме со реконструкција на улиците, плочникот околу нив со воведување на подземната и на надземната инфраструктура за доброто на сите дуќанџии, изјави кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Борче Јовчески.
На прес-конференцијата се обрати и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски кој нагласи дека со нивниот кандидат за градоначалник и со кандидатската советничка листа очекува да се случат промени на добро во Прилеп.
-Нашиот кандидат за градоначалник и нашата советничка листа ќе ги направат вистинските промени во Прилеп. Убеден сум во победа по која ќе може да се реализираат бројни проекти, дел од нив се и наведени. ќе имаме силен фокус на Прилеп и реално е градот да стане центар на Македонија, реално да се развива, пред сѐ, стопански, рече Николоски.
Носител на листата за советници е Дејан Проданоски, актуелен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.