Инвестиравме двојно повеќе и направивме многу повеќе споредбено со било кој период во минатото, порача Филип Темелковски, актуелен градоначалник и кандидат за градоначалник на Кисела Вода на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, на трибината вечерва во скопската општина Кислеа Вода.

– Сите показатели, сета поддршка што ја добивам, укажуваат дека во Кисела Вода се врати надежта за убави населби и мазни улици. Ја нудиме најдобрата Програма за Кисела Вода досега и за прв пат во оваа Програма не доминираат основни инфраструктурни проекти. За прв пат е ова Програма што предвидува развој, модерен живот и безбедно и здраво живеење. За прв пат не зборуваме за основните потреби, туку за квалитетот на живот, рече Темелковски.

Посочи некои од клучните проекти: инвестирање во мобилноста, здравиот живот, грижа, приближување и креирање омилени места поблиску до секој дом, ефикасно и брзо поврзување на најдалечните делови до центарот на градот, приближување на услугите до домот на граѓаните, создавање здрави навики, стимулирање на талентите, остварување на најдоброто од секој поединец, избор на работни места со поголеми примања.

Темелковски рече дека „урбанизацијата се поместува кон периферните делови коишто мора да се стават во една планска рамка и да добијат детални планови со еден урбан лик“.

Темелковски зборуваше и за резултатите од досегашното работење, што ги посочи во околу 50 км. патишта – најголем дел од нив новоизградени, повеќе од 15 км. подземни инсталации. Рече дека повеќе од 40 отсто од општината е заштитена од поплави. Додаде дека сите градинки и училишта се реновирани во најголем дел, дека во општината има два културни центра, пливачки базен, отворени спортски и детски игралишта, паркови наместо дивите депонии.

Темелковски ги повика граѓаните на Кисела Вода да го заокружат бројот 12 на изборите на 17 октомври, бидејки, како што рече, го заслужуваат Најдоброто за нив и за општината, а на тој начин, тоа и ќе се реализира.