Сивата економија е најмногу застапена кај нискоквалификуваните кадри, кај младите и кај пензионерите, а граѓаните не се свесни дека со работењето во неформалниот сектор се изложени на повеќе ризици и немаат правна заштита. Државата мора да ги мапира секторите во кои таа е застапена и да работи на нејзино искоренување, порачаа денеска панелистите на конференцијата посветена на намалувањето на сивата економија што ја организираа УНДП и Министерството за финансии.

Заменичката на постојаната претставничка на УНДП Сања Бојаниќ истакна дека на ова поле се уште постојат предизвици и оти има уште многу што да се направи. Во 2019 година, како што посочи, сивата економија учествувала со 38 проценти во БДП што ја поставува земјава на високото четврто место во Југоисточна Европа.

– Повеќето граѓани не се свесни дека „невидливата рака“ на сивата економија има директно негативно влијание врз квалитетот на нивниот живот. Изложени се на повеќе ризици и имаат помала заштита од државата. Пандемијата ја направи ситуацијата полоша. Според анализите шти ги направи УНДП, ефектите од последиците од пандемијата се масивни. Работниците што се слабо платени, без договор или непријавените работници веќе многу страдаат. Владата презеде мерки, но предизвиците остануваат и има уште многу што да се направи. Целта е да се трансформира националниот систем за јавно финансирање и подобра бизнис клима, рече Бојаниќ.

Во земјоделството стапката на неформалните работни места е проценета на 55 проценти од вкупната вработеност во 2019 година во споредба со 84 проценти во 2011 година, додека во градежништвото овој тип на вработување се одржува на ниво од 36 проценти.

Најчеста причина за работа во неформалната економија, според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, е недостатокот на редовни работни места и сезонската природа на работните места. Неформалното вработување, како што посочи, бележи пад во однос на 2011 година, односно последните податоци покажуваат дека процентот на неформалното вработување е 13,6 проценти во споредба со 2011 година кога изнесувал 18,6 проценти.

Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека преземањето чекори за намалување на неформалната економија само по себе не е доволно, доколку нема начин за прецизно мерење на ефектите од ваквите чекори.

Токму затоа, преку проектот „Подршка на реформите со менаџирањето на јавните финансии“, што денеска го промовираа Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), главните активности ќе бидат фокусирани на креирање на нови и ефикасни алатки за борба против неформалната економија, а домашни и странски експерти работат и на студија за дефинирање на причините и индикаторите за намалување на сивата економија.

– Преку индикаторите за мерење на нивото на неформалната економија ќе може да се направи и евалуација на преземените чекори за справување со неа, што ќе овозможи понатамошно продолжување со мерките кои дале резултат, како и модификување на оние кои не го постигнале очекуваното, рече Бесими.

Според вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, сузбивањето на неформалната економија бара сериозен и темелен пристап и креирање на мерки и политики со кои ќе се искорени оваа појава.

Клучни во сузбивањето на оваа појава, смета Николовски, се дигитализацијата на сите процеси со кои ќе се елиминира човечкиот фактор, зајакнувањето на инспекциските служби, како и системот за следење на предмети.

– Утре ќе го промовираме системот за следење на предмети што значи дека секој граѓанин ќе може преку овој систем да го следи секој предмет во над 1000 институции. Ова ќе биде сериозен притисок и врз администрацијата да работи побргу, ефикасно, чесно и одговорно. Клучна улога во намалувањето на сивата економија се и инспекторатите. Започнат е процесот на зајакнување на капацитетите, рече Николовски, додавајќи дека управниот,трудовиот и пазарниот инспекторат по завршувањето на пописот ќе бидат дигитализирани односно поврзани преку Е-инпекторатот.


Администратор
22/09/2021 18:56