Со Предлог измени на Законот за финансирање на општините ќе се подобри фискалниот капацитет и ќе се зголемат приходите на општините преку постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, најавија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, претставувајќи ги предложените законски измени што ги усвои Владата.

-Приходите од персонален данок на доход постепено се зголемуваат од 3 отсто на 6 отсто до 2024 година. Приходите од данокот на додадена вредност ќе се обезбедат во висина од 6 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година започнувајќи од 2024 година, рече Заев на заедничка прес-конференција со Бесими.

Премиерот потсети дека Владата со ребалансот на Буџетот за 2018 со 50 милиони евра им помогна на општините да сервисираат 50 отсто од својот долг. -Целта на ваквиот чекор беше да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој со години се таложеше во долгови и блокирани сметки. Со еднократната помош, без обврска за враќање во централниот буџет ги зајакнавме капацитетите на единиците на локална самоуправа. Сега одиме со трајни законски решенија за системска функционалност и самостојна работа на општините за финансиска независност, градење капацитети и услови за привлекување нови инвестиции за економски развој, подвлече Заев.

Заев нагласи дека предложените измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа обезбедуваат стабилни приходи во Буџетот на општината. Истовремено се зајакнува финансиската дисциплина и транспарентност на општините, се намалуваат доспеаните, а неплатени обврски. Со законските измени кои ќе следат се очекува зголемување на транспарентноста на работењето на општините, со што општините ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски податоци на своите веб-страници, како и зголемена отчетност во трошењето на сите средства кои се доделени од страна на државата.

Според министерот Бесими, со Предлог-законот се зголемува и контролата од страна на државата, особено од страна на финансиската инспекција во поглед на Законот за пријавување и евиденција на обврските и пријави за непочитување на Законот за финансиска дисциплина.Предложените измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа ќе обезбедат стабилни приходи во буџетите на општините.

Министерот Бесими образложи дека во овој закон предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход од 3 на 6 отсто до 2024 година, односно процентот за 2022 година ќе изнесува 4 отсто, за 2023 година 5 отсто и за 2024 година 6 отсто. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште. Дополнително, во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, во Законот се предлагаат и измени за постепено зголемување на стапката на дотација од ДДВ од 4,5 на 6 отсто.

-Со ова се овозможува обезбедување приходи од ДДВ во висина од 6 отсто од наплатениот ДДВ остварен претходната фискална година започнувајќи од 2024 година. Исто така, и тука е предвидено порастот да биде постепен така што во 2022 година ќе изнесува 5 отсто, а во 2023 година 5,5 отсто, рече Бесими.

Тој информира дека новина во Законот е покрај Основниот фонд, ќе има Фонд за перформанси и Фонд за изедначување. Обезбедените средства ќе се распределуваат во три фонда. Основен фонд – 4,5 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година, Фонд за перформанси – 0,75 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година и Фонд за изедначување – 0,75 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година, започнувајќи од 2024 година.

-Локалните самоуправи ќе имаат на располагање три кредитни инструменти и ќе можат да користат еден од нив со цел надминување на проблемите со доспеаните, а ненаплатени обврски. Тоа се условен кредит (standby) што ќе се користи од општините, а ќе се даде од Министерството за финансии, односно централната власт. Вториот инструмент е издавање општинска обврзница за познат купувач. Во овој случај општините ќе издваат свои обрзници, а познатиот купувач ќе биде Министерство за финансии и структурна обврзница, што ќе ја издаде Министерството за финансии за општините, рече Бесими. Додаде дека овие инструменти ќе бидат со времетраење до 10 години, а ќе се склучи договор за реализација меѓу ресорното министерство и општините.

Бесими напомена дека приходите на општините од 2005 до 2019 година се зголемени номинално за шест пати, од 5,9 милијарди денари на 37 милијарди денари.

Министерот Бесими информира дека на вчерашната владина седница е формирана работна група за подготовка на законска легислатива за формирање нова Агенција за регионален и локален развој. Односно Бирото за регионален развој да се трансформира во Агенција за регионален и локален развој под координација на Министерството за локална самоуправа и другите надлежни институции. Ќе бидат достапни повеќе средства за инфраструктурни проекти за општините, што ќе придонесе кон побрз регионален развој. Агенцијата ќе има средства од централниот буџет, но и финансиски средства од домашните и меѓународните финансиски институции за финансирање на капиталните инфраструктурни проекти за општините. Работна група веќе работи на изготвување на законските решенија.

Бесими додаде дека фискалната децентрализација, како дел од системот на јавни финансии е еден од приоритетите на Министерството за финансии и Фискалната стратегија, на Програмата на Владата 2021-2024, како и на Пристапното партнерство на Република Северна Македонија со Европската Унија.

Предлогот-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа вчера беше усвон на владина седница, по што ќе биде доставен нa усвојување во Собранието.

Одговарајќи на новинарско прашање, Бесими рече дека општините ќе добиват секоја година повеќе пари, но од 2024 година. Се очекува во 2024 година да има 780 милиони денари врз основа на данокот на личен доход со три проценти, а со шест проценти тоа ќе изнесува дополнително 12 милиони евра по основ на данок на личен доход. Во однос на ДДВ, пак, во 2024 година се предвидува општините да добиваат од 2,7 милијарди денари тие ќе добиваат 3,7 милијарди денари или околу една милијарда денари повеќе. Односно, ефектот во 2024 година би бил 1,7 милијарди денари повеќе пари за општините.


Администратор
22/09/2021 16:57