Шаховскиот клуб „Алкалоид“ учествува на Европскиот клупски куп што од денеска до 24 септември се одржува во Струга во организација на Шаховската федерација на Македонија.

Клубот, како што соопшти, е подготвен за настап со неколку промени во својот машки состав. Годинава, прв пат со своја екипа ќе учествува и во Европскиот куп за жени.

– Предводник на екипата е еден од најсилните светски шахисти, велемајсторот Шекријар Мамадиров од Азербејџан, кој настапуваше за Алкалоид во 2007, 2008, 2009 и 2019 година. Рангиран моментално на шестото место на Светската рејтинг листа, еден од ретките шахисти, кои ја поминале границата од 2.800 рејтинг поени. Познат е, и омилен на шаховската јавност по својот бескомпромисен и динамичен стил на игра. Оваа година на елитниот турнир „Superbet Chess Classic“, што во јули се одржа во Романија, во конкуренција на најсилните светски шахисти го освои првото место, соопшти ШК „Алкалоид“.

За екипата на „Алкалоид“, како што е посочено, ќе настапат и Јуриј Криворучко од Украина, Сем Шанкланд од САД, Ернесто Инаркиев, Даниил Дубов и Александр Предке од Русија. Во составот на ШК „Алкалоид“ се македонските државни репрезентативци и повеќекратни државни шампиони, Филип Панчевски и Трајко Недев. Капитен на екипата е Драгољуб Јаќимовиќ.

– На Европскиот клупски куп оваа година се пријавени 38 екипи, меѓу кои, како конкуренти за највисок пласман ќе бидат „Mednyi Vsadnik“ (Русија) – шампиони од 2017 година, „Novy Bor“ (Чешка) – второпласирани 2018 година, KPRF (Русија) – вообичаено со мошне силен состав, „Offerspill Chess Club“ (Норвешка) – со светскиот шампион Магнус Карлсен на првата табла. Во секој случај се очекува рамноправна и до крај неизвесна борба за подобар пласман и освојување на медали, стои во соопштението на ШК „Алкалоид“.

На Европскиот клупски куп во женска конкуренција има осум екипи. ШК „Алкалоид“ во својот прв настап е рангиран во стартната листа према просечен рејтинг на средината на табелата. Во својот состав ги има: интернационалните мајстори Полина Шувалова од Русија, Екатерина Аталик од Турција, Ирина Булмага од Романија, како и македонските шахистки, Моника Стојковска и Габриела Коскоска.

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ во 2016 година го освои Европскиот клупски куп и ја понесе титулата Европски шампион, а следната година освои сребрен медал во Анталија Турција.


Администратор
19/09/2021 01:45