Мора да се забрза процесот на дигитализација со кој ќе им се олесни функционирањето на компаниите на македонскиот пазар, а за континуиран развој на фирмите, следење на најновите технологии и трендови потребна е соодветна деловна клима за што надлежност имаат државните институции, порачаа претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и генералниот директор на „Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“ (ПМТКП) ДОО Скопје, Иван Костиќ.

Како што беше истакнато на денешната средба, сивата економија силно ја погодува тутунската индустрија и во таа насока се потребни засилени, заеднички активности.

Азески најави дека и во наредниот период интензивно ќе се работи на елиминирање на сивата економија воопшто и на корупцијата, на поддршка на извозните компании и на енергетски достапни решенија, со што ќе се намалат трошоците на домашните компании.

-Во новата стратегија на Комората најзначајно место ќе имаат токму компаниите како вашата, со високи професионални стандарди, кои инвестираат во напредни технологии и кои создаваат производи со додадена вредност, со што ја зголемуваат конкурентноста на македонската економија. Но, за континуиран развој и за следење на најновите технологии и трендови од компаниите, потребна е соодветна деловна клима, за што надлежност имаат државните институции, во насока на поттик на нови странски вложувања во земјата. Стратегијата во регионот е веќе позната – отворен Балкан, без граници, со слободен проток на стоки, услуги, капитал и на луѓе, иницијатива која е поддржаната и директно од Стопанската комора на Северна Македонија, која е целосно вклучена во создавањето амбиент за поголемо регионално поврзување и за економска соработка. На патната инфраструктура активно се работи. На ред се железницата и гасоводот. Сите треба да ја разбереме неопходноста од регионална соработка, затоа што само на тој начин Европа ќе нѐ препознае како партнери, истакна Азески на средбата.

Соработката со „Филип Морис“, додаде, постои од самите почетоци, а дејствувањето на нејзините претставници во телата на Комората и како експерти во одредени области е патоказ како треба да се соработува со домашниот бизнис.

-Токму затоа, Комората гради односи со вакви компании, со кои можеме да наметнеме свој став и решенија за одредени прашања кај Владата. И во наредниот период интензивно ќе се работи за елиминирање на сивата економија и на корупцијата, за поддршка на извозните компании и за енергетски достапни решенија, со што ќе се намалат трошоците на домашните компании. Се работи и на забрзано воведување нови технологии во администрацијата, напомена Азески.

Генералниот директор Костиќ информираше за сегашните активности, но и за идните планови на компанијата во делот на помалку штетни алтернативи на цигарите.

-Компанијата е добар пример за придонес во земјава, преку преземањето на „Тутунскиот комбинат“ во Прилеп и преку негово издигнување на повисоко професионално ниво. Регионалниот центар на компанијата се префрли од Атина во Скопје и со добар кадар и со големи инвестиции се изгради добар и модерен центар во земјата. ‘ПМИ’ се менува како компанија и во соработката со Комората гледа можност за напредок. Сивата економија силно ја погодува тутунската индустрија и во таа насока потребни се засилени заеднички активности. Процесот на дигитализација, со кој ќе им се олесни функционирањето на компаниите на македонскиот пазар, мора да се забрза, а пандемијата во изминатиот период засилено го наметна тоа како приоритетно прашање. Преку Комората, како најголема бизнис-асоцијација, да се чуе гласот на бизнисот и само на тој начин да се дојде до заеднички решенија со Владата, рече Костиќ.

„Филип Морис“ има стратегиска цел – воведување иновативни решенија преку вложување во поздрава животна средина, како и во истражување и развој. Шест од најдобрите светски меѓународни 15 брендови, кои опфаќаат повеќе од 180 пазари, се на „Филип Морис“, вклучувајќи го и „Марлборо“, светски број еден. Компанијата планира производството на обични цигари да го замени со производи без чад. Затоа, повеќе од 430 научници, инженери и техничари работат на развој на помалку штетни алтернативи на цигарите, во двата истражувачки капацитета во Швајцарија и во Сингапур. Тоа е најголемата промена во историјата на оваа компанија, како и на нивните потрошувачи, акционерите и на општеството во целина.

„Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“ (ПМТКП) ДОО Скопје почна со работа во 2014 година како заедничко вложување меѓу „Филип Морис интернационал“ и „Тутунски комбинат“ – Прилеп, при што „ПМИ“ поседува 51 отсто, додека, пак, „ТКП“ држи 49 проценти од акциите на заедничкото вложување. „ПМТКП“ е подружница на „Филип Морис интернационал“ АД („ПМИ“), водечка меѓународна тутунска компанија со разновидна работна сила од околу 73.500 луѓе, кои потекнуваат од секој агол на светот.

Средбата на Азески и Костиќ беше дел од пост-КОВИД активностите на Стопанската комор


Администратор
14/09/2021 17:57