Манчестер Јунајтед го совлада попладнево Њукасл со 4-1 (1-0) во натпревар од 4. коло во Премиер лигата, во кој повратникот во редовите на „црвените ѓаволи“ Кристијано Роналдо беше двоен стрелец.
Португалскиот напаѓач во своето враќање во дресот на Јунајтед, за кој последен пат играше во 2009 година, го отвори резултатот во судиското продолжение од првото полувреме, а во 62 минути повторно го врати водството на домаќините на „Олд Трафорд“, откако Њукасл претходно го израмни резултатот преку Ксавиер Манкуљо.
Манчестер јунајтед поведе со 3-1 преку сонародникот на Роналдо, Бруно Фернандес во 80 минута, а печат на победата стави Џеси Лингард во втората минута од судиското продолжение.