Откако се регистрираат временските прилики, Северна Америка годинава го забележа најтоплиот јуни. Само во последната недела од месецот беа соборени повеќе од 1.200 дневни температурни рекорди. Но, веднаш под радарот се наоѓа уште поголем број дневни рекорди поставени со различна и потенцијално уште поопасна мерка: ноќни температури.

Во просек, ноќите се загреваат побрзо од деновите низ Америка, покажа националниот извештај за климата за 2018 година. Тоа е дел од глобалните трендови поради климатските промени.

Невообичаено топлите летни ноќи може да доведат до значително поголем број смртни случаи, велат климатолозите и епидемиолозите, бидејќи не дозволуваат луѓето да се разладат по топлината во текот на денот.

„Она што е во сите вести се највисоките дневни температури, но најниските ноќни температури се всушност оние што влијаат на смртноста“, вели Лара Кушинг, научник од Факултетот за јавно здравје Филдинг на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес.

По жешкиот ден, „многу е важно човекот да има можност да ја намали температурата на телото“, додава Кристи Аби, научник на Универзитетот во Вашингтон.

„Кога е многу топло ноќе, немате такво олеснување и вашето тело трпи многу напор“.

Топлотните бранови се особено смртоносни кога температурата нагло се зголемува.

„Нашето тело е способно да се приспособи, и ако имаме можност да го сториме тоа, ќе се аклиматизираме“, вели д-р Томас Вотерс, доктор од клиниката Кливленд во Охајо.

Најголем број на топлотни удари и проблеми со срцето се јавуваат во првите три дена од топлотните бранови.

„Тогаш гледаме ненадејни скокови на температурата и влажноста. Тогаш луѓето се најранливи“.

Кога е премногу жешко и премногу влажно за потта да го направи својот дел и да ја отфрли вишокот телесна температура, може да настанат фатални последици, како што е откажување на органите.

Во 2006 година, топлотниот бран уби речиси 150 луѓе во Калифорнија, според извештаите на вештачење.

Тој бран беше уште потежок и полош токму поради влажноста, која ја заробува топлината во текот на ноќта и води до невообичаено високи ноќни температури, вели Тарик Бемнарниа, епидемиолог на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

Во некои делови на американскиот северозапад, температурите неодамна беа повисоки од просечните и до 17 Целзиусови степени. Ова е екстремност која практично би била невозможна без климатските промени, вели Герт Јан ван Олденборг од Кралскиот холандски метеоролошки институт.

Со зголемувањето на температурата, воздухот може да апсорбира повеќе влажност. Честичките вода учествуваат со околу 85 отсто во ефектот на стаклена градина, вели Александар Гершунов, метеоролог од Институтот за океанографија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего. Оваа пареа не води кон директно загревање, туку до создавање опасен круг: повисоките температури ја зголемуваат влажноста на воздухот, а повисоката влажност ја заробува топлината во близина на површината.

„Од сите екстремни временски настани, топлите бранови се најдиректно поврзани со климатските промени“, вели тој.

Њујорк Тајмс


Администратор
10/09/2021 03:07