Борбата за зацврстувањето на својата државност на секоја земја е долг, макотрпен и честопати болен процес. Тоа, пак, особено е тешко ако се случува на Балканот, кој најмногу од се произведува историја, наместо демократија, култура, материјални добра и просперитет за своите граѓани.

Ова во интервју за МИА го потенцира првиот министер за одбрана на земјава по осамостојувањето, Трајан Гоцевски, со кого разговаравме по повод 30-годишнината од независноста.

Во разговор за МИА раскажува за предизвиците со кои се соочувал во времето кога земјава се одвојуваше од поранешна Југославија, нагласувајќи дека се залагал за мирна разврска со дотогашната држава.

-Деноноќно работев да ја дислоцираме ЈНА од Македонија. Работев на донесувањето на Законот и другата легислатива за формирањето на АРМ, чин кој го потврдуваше независниот статус на Македонија како суверена држава. Ја одбегнавме војната и ги вративме нашите граѓани кои беа во војска. Го одбегнавме отварањето на јужниот фронт кој можеби ќе беше и крај за нашата идеја за прогласување на наша држава. Се создадоа основните претпоставки да профункционираме како независна држава, согласно барањето на (Сајрус) Венс и (Дејвид) Овен кои беа преговарачи за Југославија. Докажавме дека имаме капацитет на државотворен народ. И го започнавме патот како држава за која со векови се бореле нашите претци. И до денес битката пордолжува, вели Гоцевски за МИА.

Оценува дека сега по 30 години состојбите сега се променети на подобро. Целата меѓународна заедница застана зад нашата државност, ние сме рамноправна членка на ОН, на НАТО, речиси на сите меѓународни организации и сме пред почеток на преговорите со ЕУ.

За последниот камен на сопнување на нашето интегрирање во Европската Унија, спорот со Бугарија, истакнува дека односот на соседот кон нас предизвикува болка и од тоа нема бегање.

-Но дали оваа прашање ќе го решиме со заострување на односите или на улица. Мислам дека нашето однесување понатаму треба да биде европско, транспарентно цивилизациско и во институциите. Ние продолжуваме кон европската интеграција затоа што се определивме за европските вредности. Тоа го препознаа нашите граѓани и сите меѓународни институци. Погледнете ги ставовите на ЕУ, на НАТО, на САД по тоа прашање. Сите се на наша страна. Затоа ние треба да покажеме трпение, мудрост, активна дипломатија, со што ќе дадема шанса на САД, НАТО и ЕУ да ни помогнат. Непромислена реторика, напади врз соседна Бугарија, напади врз носители на државни функции во двете држави, не треба да се нашата опција, нагласува Гоцевски за МИА.

За грешките кои се правени во минатото, за она на кое што допрва треба да се работи во земјава, за членството во НАТО и новите безбедносни ризици, ковид пандемијата, но и за неговиот влог за Македонија зборуваме со првиот министер за одбрана и член на Советот за безбедност Трајан Гоцевски во интервјуто за МИА.

Во продолжение следува целото интервју во Гоцевски:

Одбележуваме 30 години независност, 30 годишен јубилеј исполнет со голем број премрежја, како од оваа дистанца ги цените работи, каде бевме, а каде сме сега 30 години подоцна?

– Одбележуваме значаен јубилеј од нашата понова историја.Тридеценискиот период беше исполнет со многу сензитивни случувања, кои ретко која држава ги поминала во еден толкав период. Каде бевме тогаш и што посакувавме, а каде сме сега? Во нашето подалечно, но и поблиско минато, времето за создавање на македонска држава не ни беше наклонето.Секогаш имаше пречки,поделби, делби, обиди за обезличување па до обезименување на македонскиот народ. Беше раселуван, понижуван уценуван и слично, кое го чуствувеме и денес. Но македонскиот народ и неговите водства имаа јасна цел да создадат независна македонска дтржава. Таа цел ја имаа и предилинденците и илинденците и асномците и поновата генерација македонски лидери по ’90-тите години по распадот на Југославија. Да создадеме наша држава со свои институции, армија, црква. Тоа никогаш не било лесно, не беше лесно ниту во 1990, 91, 92 и 93 година. Тогаш нашата цел беше: Независна и суверена држава, систем на парламентарна демократија, правна држава со владеење на правото за сите нејзини граѓани, држава со висок праг на човекови права и слободи, функционална пазарна економија, социјална држава, држава во која ќе има слобода на медиумите и слобода на мислење, формирење на институции како атрибут на една современа демократска македонска држава. Постигнавме многу без ниту малку задржување. Формиравме незавина држава, ги формиравме сите државни институции – Собрание, Влада, Државните органи и институции, Дипломатија, Систем за национална безбедност, Народна Банка, сопствена Армија и.т.н. По старатешките одлуки на македонското раководство по распадот на Југославија и смелите одлуки на новата генерација политичари, од пред четири години ги заокружуваме трите коридори кои си ги поставивме пред три децении, членство во ОН, членство во НАТО и членство во ЕУ. Денеска Република СМакедонија е полноправна членка на ОН, како македонска држава, македонски народ со идентитет култура традиции и свој македонски јазика, Република Македонија е членка на НАТО, дел од Евроатлантската безбедносна зона, со забетониран територијален интегритет, суверенитет и независност. Според мене тоа е големата слика за која се залагавме…

Бевте прв министер за одбрана по осамостојувањето, важите за архитект на мирното одвојување на Македонија од поранешна Југославија. Избегнавме војна, но се соочивме со конфликтот во 2001 и тоа е сега минато, сега сме 30 години стара независна држава, но сепак како постојано да се бориме за докажување на нашата државност. Ваш коментар?

– Секако дека борбата за зацврстувањето на својата државност на секоја земја е долг, макотрпен и честопати болен процес. Тоа пак особено е тешко ако се случува на Балканот кој најмногу од се произведува историја, наместо демократија, култура, материјални добра и просперитет за своите граѓани.

Како што напомнавте имав чест и голема одговорност да служам на македонските граѓани во првата Влада на независна Македонија, како министер за одбрана. Се залагав за мирната разврска со дотогашната држава. Деноноќно работев да ја дислоцираме ЈНА од Македонија. Работев на донесувањето на Законот и другата легислатива за формирањето на АРМ, чин кој го потврдуваше независниот статус на Македонија како суверена држава. Ја одбегнавме војната и ги вративме нашите граѓани кои беа во војска. Го одбегнавме отварањето на јужниот фронт кој можеби ќе беше и крај за нашата идеја за прогласување на наша држава. Се создадоа основните претпоставки да профункционираме како независна држава, согласно барањето на Венс и Овен кои беа преговарачи за Југославија. Докажавме дека имаме капацитет на државотворен народ. И го започнавме патот како држава за која со векови се бореле нашите претци. И до денес битката продолжува.

Но состојбите сега се променети на подобро. Целата меѓународна заедница застана зад нашата државност. Сме рамноправна членка на ОН, на НАТО, речиси на сите меѓународни организации, сме пред почеток на преговорите со ЕУ. Македонија станува препознатлива држава за меѓународната заедница. Борбата треба да продолжи, и ќе продолжи за наше поуспешно етаблирање на меѓународната сцена, како независна држава, колку тоа и да трае.

Што е она најважното што го постигнавме изминатите 30 години?

– Ќе повторам. Најважно од се е тоа што имаме своја независна и суверена држава, вековен идеал на македонскиот народ и на граѓаните кои живеат во неа. Сме членка на ОН и на другите меѓународни организации. Сме членка на НАТО. Сме земја кандидат за започнување на преговорите со ЕУ. Градиме систем на парламентарна демократија. Развиваме функционална пазарна економија. Имаме своја Академија на науките, универзитети, училишта. Имаме своја Армија и систем за национална безбедност. Имаме своја Црква. Имаме своја дипломатска мрежа. Ги имаме сите државни институции. Треба достојно да продолжиме да ги развиваме сите институции, а со тоа и самата држава. Тоа е само наша задача и никој не може однадвор да ни ја решава.

Почнавме ентузијастички и со големи очекувања, 30 годишниот јубилеј ќе го пролавиме како 30 членка на НАТО, но другата важна стратешка цел – членство ЕУ некако ни се приближи, но сега со спорот со Бугарија повторно како да ни се оддалечува. Дали ЕУ е потврда за нашата државност и каде ќе се движиме имајќи ги предвид сегашните случувања на нашиот пат кон ЕУ?

– Морам да ви одговорам дека ЕУ не е потврда за нашата државност. Таа припаѓа и зависи само од граѓаните на Република Македонија и се разбира од македонскиот народ како мнозински народ, кој исто така има голема одговорност со останатите заедници за државноста.

Сепак по 16 години сме во чекалната на ЕУ. Сите се надевавме дека конечно ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ… И јас се надевав. На сите нас очите ни беа свртени кон Брисел, каде имаше амбасадорски состаноци, потоа министерски состанок и на крајот на Самит на ЕУ требаше да се отвори вратата на ЕУ за нас и за соседна Албанија.

Инаку јас станав скептичен кога Бугарија усвои декларација и истата ја испрати до сите членки на ЕУ и изразив голема загриженост, бидејки после едногласното усвојување на овој документ во бугарското Собрание на таа линија застана и бугарскиот претседател. Владата во такви услови нема маневарски простор за менување на ставовите. Се разбира јас не сум наивен, тоа беше идеја на Владата за да си ги цементира своите позиции, по прашање, кое трае повеќе од век наназад. Ние Ние испаднавме малку површни упорно барајќи од Владата да ги смени своите позиции.

Не боли односот на соседот кон нас и од тоа нема бегање. Се случи. Но дали оваа прашање ќе го решиме со заострување на односите или на улица. Мислам дека нашето однесување понатаму треба да биде европско, транспарентно цивилизациско и во институциите. Ние продолжуваме кон европската интеграција затоа што се определивме за европските вредности. Тоа го препознаа нашите граѓани и сите меѓународни институци. Погледнете ги ставовите на ЕУ, на НАТО, на САД по тоа прашање. Сите се на наша страна. Затоа ние треба да покажеме трпение, мудрост, активна дипломатија, со што ќе дадема шанса на САД, НАТО и ЕУ да ни помогнат. Непромислена реторика, напади врз соседна Бугарија, напади врз носители на државни функции во двете држави, не треба да се нашата опција.

Рамковен договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, земјава покажува волја за помирување, волја да се решат несогласувањата внатрешни, но и оние кои ги имаме со соседите, дали ни се одговара со ист реципроцитет?

– Секако дека не може да се рече дека кон нас се одговара со ист реципроцитет на нашите залагања да решаваме прашања, кои не се решени со децении, да градиме добросоедски односи, да правиме отстапки во наша штета и слично. Но не може тоа да се тврди генерално за сите актери од меѓународната сцена. Накратко во овие три децении САД останаа наш поддржувач по сите прашања, НАТО чија членка сме и ние сега, исто така во сите кризни времиња и помагаа на Македонија да ги надмине своите внатрешни и надворешни безбедносни ризици, не помагаа во услови на елементарни непогоди и слично. Европската Унија исто така постојано вложува човечки и матријални ресурси за постигање на повисики стандарди во сите области на нашето живеење.

Наголем дел на држави секогаш покажувале поддршка на нашата држава и помош во одредени сектори за кои е оценето дека има потреба. И тоа мора да го цениме и правилно да го вреднуваме. Но мора да сфатиме дека државите во светот денеска своите односи ги градат врз основа на своите интереси. И тогаш повеќе нема реципроцитет и пријателство, туку заштита на свои интереси, без разлика дали тоа би му наштетило на некој друг. Ние мора тоа да го сфатиме, да го разбереме, да учиме и ние да си ги остваруваме нашите интереси и тогаш ќе ни биде полесно.

Член сте на Советот за безбедност, земјава е членка на НАТО, дали откако станавме дел од најголемиот воено-политички сојуз во земјава се соочивме и со промена на безбедносните предизвици?

– Од наша страна, го окончавме долгиот и неивесен пат кон најпрестижниот политичко-воен сојуз во светот, кој 72 година опстојува на сцената во евроатлантската зона. Со овој чин нашата држава уште еднаш покажа дека е подготвана да го сподели товарот на новите безбедносни ризици и предизвици со 29-те држави членки НАТО, подеднакво, очекувајќи долгорочно безбедносно усидрување на немирните балкански простори. Со овој чин нашата држава ја потврди и подготвеноста за учество во мисиите на НАТО, во други региони и држави, каде мирот и стабилноста се нарушени. Го прифативме НАТО како политичко-воен сојуз, кој се заснова на слободно изразена политичка волја на државите, на принципот на меѓусебната солидарност, на принципот на почитување на сувереното право на секоја држава членка да одлучува за своите национални интереси, но и на почитување на заедничките вредности кои ги прифаќаат и почитуваат неговите членки.

Го прифативме НАТО како безбедносен чадор кој солидарно се грижи за одбраната на своите членки и кој создава безбедна инвестициона клима, која овозможува слободно движење на граѓаните, стоката, капиталот, технологиите и знаењето како предуслов за добра бизнис клима и економски просперитет на земјите членки во евроатлантската зона. Го прифативме НАТО како меѓудржавна организација која делува во областа на евроатлантската зона и која обединува пазар на над една милијарда луѓе, потенцијал за развојот на економиите на сите држави членки на Алијансата. Го прифативме НАТО како простор безбеден за слободното движење на луѓето капиталот добрата услугите технологиите и се што е поврзано со економскиот просперитет на земјите-членки. Го прифативме НАТО како безбедна економска зона за развој и унапредување на принципите на слободниот пазар и функционалната пазарна економија. Го прифативме НАТО како организација, која ќе и донесе мир стабилност и економска благосостојба на граѓаните на нашата држава и со кого заедно ќе одговараме на сите безбедносни предизвици кои сега се и наши, заеднички со НАТО. А нив ги има и многу и се понови. Но сега не сме сами.

Одбележуваме 30 години независност во време на ковид-пандемија. Се соочивме со затворени граници, полициски час, изолација и самоизоалција,одбранбените ресурси на државата се користат се повеќе во изминатата година и половина. Како сето тоа влијае на безбедноста на државата, ковидот го погоди светот, не само нас, но ние сме мала земја во средиштето на важен гепополитички регион меѓу Истокот и Западот?

– Во големите искушенија ја вбројувам и пандемијата предизвикана од корона вирусот., тешка и непредвидлива болест која однесе многу човечки животи, многу луѓе се во болница, многу се во изолација, економијата е на колена, културата образованието исто така, социјалната сигурност на граѓаните е доведена во прашање. Секако пандемијата треба да придонесе за отрезнување на сите во државата. Да доведе до сплотување на нацијата во борбата против овој непријател. Во еден дел тоа се случи, во другиот дел ги засили постоечките антагонизам и поделби во општеството. и по тоа прашање, што пак придонесуваше да се појавуваат одредени институционални слабости.

Пандемијата изврши огромен притисок врз нашиот здравствен систем, но објективно гледано државата добро ја менаџираше состојбата на пандемијата, со што избегнавме колапс на системот, што е многу важно. Како што ви е познато Советот за безбедност заседавше десетина пати, се со цел да се обезбеди подобра координација меѓу институциите и имплементација на неопходните мерки, во услови кога немавме функционални институции. Армијата прв пат беше ставена во поддршка на здравствениот систем, а полицијата и за време на вонредната состојба и за време на кризните состојби. Наша најважна задача и понатаму останува ставањето под контрола на пандемијата. После тоа треба да направиме анализа за функционирање на нашиот правен, политички и економски поредок, да извлечеме поуки и да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија. Претседателот Пендаровски, кој е и претседател на Советот за безбедност., во своето годишно обраќање најави дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата која треба да даде придонес за изработка на закони за воена и вонредна состојба и правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент.. Ни треба прецизна законска регулатива и подобра координација меѓу институциите во кризни времиња. На крајот сите последици од корона кризата имаат и соодветни безбедносни имликации кои се проценуваат и навреме се реагира за нивно елиминирање.

Дали изминатите 30 години секогаш се движеме во правилна насока?

– Секако дека многу настани, случувања, постигнувања, разочарувања и сл. не се движеа во насока која ја посакуваа граѓаните на нашата држава. За тоа може да се зборува многу. Јас ќе издвојам само дел од нив. Од првите повеќепартиски избори 1990 година до денеска ниту еден парламентарен состав не помина без поделби, бојкот, оспорувања, неприфатливи односи парламентарно мнозинство-опозиција и обратно, вклучувајки и инциденти и насилство во Собранието, кои правеа компромитација на демократијата и демократските односи во општеството. А функционирањето на парламентарната демократија е основен индикатор за општество со созреани демократски вредности. Аналогно на тоа изостана и повидлива демократизација на целото општество. Тука е функционирањето на правната држава и владеење на правото. Се уште имаме неприфатлив степен на корупцијата. Имаме комерцијализација на јвните добра за недржавни потреби. Се уште недоволно е учеството на четирите стабилизатори во креирањето на јавните политики, како што се академската заедница, бизнис заедницата, невладиниот сектор и се разбира медиумите. Заостанувањето во доменот на динамизирањето на економскиот развој, развојот на образованието и науката, социјалната и здравствената заштита. Исто така тука е и високиот степен на на партизација на општеството.

Ја промовиравте вашата книга „Мојот влог за Македонија“, кој е вашиот влог за Македонија и дали се исплатеше?

– Оваа прашање е најтешко за одговор, бидејќи еден мудрец рекол дека: „Никогаш не се мери на сопствената вага, оти може да погреши“. Но ќе се обидам да одговорам. Едноставно почуствував потреба по 70 години живот и 50 години работа, а по повод 30 годишнината од нашата независност да споделам со нашата јавност, дел од моите записи за ангажманите во периоди за кои нема автентични документи, бидејќи настаните се одвиваа зад завеса. Тајно се одвиваа во објекти во кои ние бевме затворани и кои не беа под наша контрола, не знаеме што е документирано, а што не е, како во периодот од 1990-93 година. На дел од тие разговори беше забрането да се да се водат белешки, па затоа јас морав да сочинувам белешки отпосле. Е сега за влогот за Македонија. Во Делчево работев во Фротирака, а потоа четири години бев претседател на Извршниот совет на општината. Постигнавме добри резултати во развојот, урбанизацијата, инфраструктурната изграденост, здравството, културата, образованието и слично. По стапката на развој бевме во првите десет општини во тогашна Југославија. Потоа во Републичкиот секретарјат за одбрана и како член на комисијата за одбрана и заштита на С.Р.М. покренав и се реализираа многу проекти од одбраната поврзани со стопанскиот развој, финансирањето на одбраната, формирањето на државните резерви, развојот на ритските подрачја, изградбата на наменски капацитети во Македонија, подигање на учеството на македонски фирми во снабдувањето на Армијата и сл.

Периодот на осамостојувањето ме затече на Филозофскиот факултет. Од страна на тогашниот претседател Глигоров бев назначен како преговарач за политички систем, безбедност, одбрана и човекови права. Тие завршија неуспешно на 13 март 1991 година. Таму за нас беше ужасно. Лецитираа со можноста да не поделат, да не припојат, кој да не решава, закани за воен пуч, отворање на јужниот фронт. Успеавме да се извлечеме од тој вител. Во новиот формат на преговори со претседателите на републиките бев задолжен за одбраната и границите. Најсензибилен проблем беа границите и знаете тој проблем се реши после десетина години. За време на подготовките за референдумот имав многу неблагодарна и опасна задача, а тоа беше да го амортизирам притисокот на тогашната ЈНА врз македонското раководство. Имаше и уцени и закани и најава за воен удар. Потоа уследи скандалот со регрути кои и покрај одлуката на Владата беа испраќани во ЈНА и резервистите на ТО кои добија распоред надвор од нашата република.

По референдумот и донесувањето на Уставот, се создаде состојба на прогласена независна држава со туѓа војска на својата територија. Јас добив задача да ја надминам таа состојаба. Започнаа преговорите за исселување на ЈА, подготовки и донесување на Закон за одбрана, креирање на систем на одбрана и формирање на АРМ.

Тој дел од мојот влог за Македонија беше голем, ама ризичен и не сакам на никого да му се случи тоа да го работи. Но услов за профункционирење на нашата независност беше токму надминувањето на состојбата, односно на својата тероторија да немаме дејствување на туѓа армија и да имаме наша армија.

Ја дочекав и бегалската криза во 1999 година и вооружениот конфликт во 2001 година. Учествував во канализирањето на двата конфликти како член на Советот за безбедност на Р. Македонија. На Филозофскиот факултет работев над три децении и настојував факултетот да стане престижна и препознатлива високообразовна институција во нашата држава. И денеска како член на Советот за безбедност на Република Македонија настојувам да ја уредиме нашата држава како модерна, европска, економски просперитетна, стабилна и безбедна држава. Тоа од секогаш беше мојот сон.

И на крајот дали сето тоа вредеше. Секако да. Без разлика на ризиците со кои се имам соочувано,кои неколку пати го доведуваа и мојот живот во прашање, никогаш на сум се покајал за тоа што сум го работел, за мојот народ, за мојата држава, за институциите во кои сум работел и се разбира за моето семејство.

Од денешен агол на гледање на работите, кога преовладуваат материјалните интереси, кога личното е пред државното и кога некои поединци од институции каде сте дале се од себе за нивниот просперитет, а тие сега едноставно не ве забележуваат, тоа понекогаш ги меша чуствата. Но од мој агол на гледање се исплатеше. За крај на сите наши граѓани им го честитам денот на независноста на Република Македонија и да ни е вечна и благословена за сите времиња.

Ана Цветковска


Администратор
08/09/2021 11:30