Параолимписките игри во Токио, засега, ги надминаа сите очекувања, порача денеска претседателот на Меѓународниот параолимписки комитет (ИПЦ), Ендрју Парсонс на конференција за новинари во јапонската престолнина.
– Досега беше фантастично. На спортистите им пружаме безбедно опкружување, а истовремено го штитиме и јапонското население. Без исклучок, сите спортисти и официјални лица со кои разговарав ми рекоа дека мораме засекогаш да им бидеме благодарни на Јапонците. Волонтерите се насмеаното лице на овие Игри. Зад заштитните маски можеме да ја почувствуваме нивната насмевка, изјави Парсонс.
Тој како еден од најсветлите моменти на Игрите го издвои доаѓањето на двајцата авганистански спортисти, кои беа евакуирани од Кабул по преземањето на власта во земјата од страна на талибанците.
– Беше апсолутно фантастично да ги пречекаме кога пристигнаа во Токио и да разговараме со Хосаин и Закија, и да се обидеме да разбереме низ што сè поминаа, додаде првиот човек на ИПЦ.
Параолимписките игри, најголемиот светски настан за спортисти со инвалидитет, беа отворени на 24 август и се одржуваат до 5 септември со учество на повеќе од 4.500 спортисти од 163 држави.
Македонскиот претставник на Игрите во Токио е стрелачката Оливера Накоска – Бикова, која досега настапи во дисциплините воздушен пиштол 10 метри (шесто место) и воздушен пиштол микс во класата СХ1 25 метри (деветопласирана), а до крајот на манифестацијата ја очекува и настап во дисциплината пиштол во слободен избор на 50 метри.