Политичката партија Левица за свој кандидат во трката за градоначалник на Општина Аеродром на претстојните Локални избори 2021, ја претстави Весна Кираџиева.
„Кираџиева е атлетска репрезентативка на Македонија повеќе од 20 години, поранешна рекордерка и шесткратна шампионка на Македонија во маратон. Таа е дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност, претседателка и тренерка на АК „Индјуренс“, менаџер на социјални мрежи (Social media manager), дел од организациониот тим на „Виз Ер Скопски Маратон“, „Авицена Женска трка“, „Халк Еко Скопје Трча“. Поранешен волонтер во Центар за оспособување на деца со посебни потреби „Јанез Левец“ во Љубљана (Словенија).
Нејзината борба е насочена кон чесна и некорумпирана работа, градење на мерит систем на база на квалитет и стручност, а против окупирање на институциите по основ на партиска, политичка, расна, национална или било каква друга определба. Се залага за разумен урбанизам и стопирање на узурпирањето на просторот од урбаната мафија, афирмација на руралниот дел/населби во општината, еднакви можности за жените како дел од популацијата и унапредување на условите за живот на лицата (и децата) со посебни потреби“, се истакнува во соопштението од партијата Левица.