Грчкиот тенисер Стефанос Циципас кажа како се чувствува по првото влегување во Топ 3 играчите на светската рејтинг-листа.
– Ова е огромна мотивација и добар одраз на она што веќе го постигнав. За мене е среќа што работев напорно и влегов во Топ 3. Мислам дека ова е посебна фаза во мојата кариера. Влегувањето во Топ 10 беше остварување на сонот, а сега продолжува мојата бајка. Целта ми е самоподобрување. Со тенисот, сакам да станам подобра личност. Секој ден се будам со една цел – да станам подобар. Да станам подобар во тенисот, да станам подобар во спортот на кој решив да го посветам својот живот. Многу сум среќен што играм тенис. Драго ми е што со мојата работа можам да ги инспирирам другите, истакна Циципас.
Гркот на најновата АТП рејтинг-листа објавена денес е на трета позиција, зад лидерот Новак Ѓоковиќ од Србија и Данил Медведев од Русија.