Во финалето на машкиот одбојкарски олимписки турнир во Токио ќе играат „дебитантот“ Франција и Русија.

Франција во полуфиналето ја совлада Аргентина со 3-0 (25-22, 25-19, 25-22), додека Русија беше поуспешна од бранителот на олимписката титула, репрезентацијата на Бразил со 3-1 (18-25, 25-21, 26-24, 25-23).

Турнирот во Токио го донесе првото европско олимписко финале од Игрите во Сиднеј во 2000-та година во кое играа поранешна СР Југославија и Русија.

Руските одбојкари во своето седмо послдователно олимписко полуфинале по трет пат изборија пласман во финалниот натпревар. Во Сиднеј во 2000 година беа поразени од СР Југославија, а во 2012 година во Лондон го совладаа Бразил (3-2).

За Франција ова е прво олимписко финале, а најдобар пласман на „Триколорите“ досега е осмото место.