Југоисточна Европа ја зафати топлотен бран поради кој луѓето се собираат на бреговите, покрај фонтаните во градовите и на климатизирани локации за да се оладат.
Во делови од Грција и поголем дел од регионот температурите се зголемија над 40 степени Целзиусови, а метеоролозите во Атина очекуваат топлотниот бран да продолжи до следната недела, што ќе го направи еден од најтешките топлотни бранови кои некогаш биле регистрирани од средината на 1980-тите години, јавија светските агенции.
Властите во грчкиот главен град поставија монтажни објекти за ладење, но пристапот до климатизирани јавни простори е ограничен поради рестрикциите воведени за борба против пандемијата.
– Сегашниот топлотен бран е опасен временски феномен бидејќи ќе трае до крајот на следната недела со мал температурен опсег меѓу максималното и минималното ниво, изјави Теодорис Колидас, директор на Грчката национална метеоролошка служба. Властите во Србија, Бугарија и други погодени земји ги советуваат луѓето да избегнуваат изложување на директна сончева светлина во средината на денот.
Шумските пожари во Грција се закануваат на станбени згради трет ден по ред, а пожар денеска е пријавен и близина на градот Патрас, во западниот дел на земјата.