Во археолошкиот локалитет „Стоби“ од 3 до 17 август, по две години пауза, ќе се одржи 18. по ред Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“, на кој освен од земјава ќе има и по еден театарски ансамбл од Австрија и еден од Босна и Херцеговина во копродукција со македонски театар.

Освен претстави ќе има и промоција на публикации од претставите и проекција на документарни филмови на паркингот на велешкиот театар. Организацијата на фестивалот, со одлука на Советот на Општина Велес е префрлена во НУЦК „Јордан Хаџи Константинв Џинот“ Велес.

Свеченото отворање е на 3 август во 21 часот на просторот на Теодосијанската палата во Стоби, со премиера на претставата „Орестија“, копродукција на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и Националната опера и балет од Скопје, за чија реализација се потрошени 1,2 милиони денари.

– Министерството за култура го финансира фестивалот со 1 милион денари, а со 300 илјади денари Општина Велес. Од поголемите спонзори се „Дрекслермаер“ и „Маркарт“, хотел „Интернационал“, „Божиновски“ и други, информира на денешниот прес в.д директорот на велешкиот театар Сашо Димоски.

Како и досега, на фестивалот ќе се доделат наградите „Гран при“ за најдобра претстава, награда за најдобра женска и машка улога и за најдобра режија. Наместо статуетките, спонзорот „Божиновски“ за сите наградени ќе додели по еден дијамант. Жирито на фестивалот ќе го сочинуваат Васил Зафирчев, Роза Трајчевска и Кети Борисовска.

Поради пандемијата бројот на публиката на претставата во Стоби ќе биде 200 гледачи со почитување на мерките за заштита од Ковид-19, а во салата на велешкиот театар капацитетот ќе биде исполнет 30 проценти. Билети може да се резервираат и купат на билетарата на театарот.

– Организиран автобуски превоз како во изминатите години за Стоби годинава ќе нема, појаснија организаторите.


Администратор
29/07/2021 21:59