Викендов на падините на планината Плачковица, во атарот на општина Виница ќе се одржи натпревар во прелет со параглајдери, во рамки на третата етапа од македонската Национална лига.

На натпреварот ќе учествуваат триесетина параглајдеристи од 20 клубови од целата држава, а организатор е новоформираниот клуб „Источни крила“ од Виница.

-Првпат Виница и Плачковица ќе бидат домаќини на ваков натпревар, а наша цел е популаризација и омасовување на оваа спортска дисциплина. Ние сме еден од ретките клубови во источниот регион на државата, а интересот за параглајдерство е солиден, особено меѓу младите. На натпреварот ќе се мери брзината на летање, односно поминување на зацртаната патека. Стартот на трката за сите учесници ќе биде од воздух, а тие ќе треба да поминат над одредени контролни точки, пред да слетаат на целта, истакна Дарко Стојчев, претседател на параглајдинг клубот „Источни крила“ од Виница.

Брифингот за старт е закажан за в сабота во 11 часот, а полетувањето ќе биде еден час подоцна. Полетувањето е од Плачковица и ќе се лета над нејзините падини, потоа над езерото Калиманци, преку дел од котлините кај Кочани и Берово, целната точка и слетувањето ќе бидат на локалниот пат кон виничкото село Јакимово.