Верификацијата на сертификатот за вакцинација или потврдата за прележан Ковид-19, што се неопходни за влез во т.н. „Covid free“ простори во Грција, за државјаните на трети земји нема да се врши преку специјалната апликација на грчката Влада, туку едноставно ќе се проверува на влезот на затворените простори, како што се кината, театрите, кафулињата, рестораните, но и сите ноќни клубови, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за туризам на Грција, преку соопштение појаснуваат дека апликацијата „Covid Free GR“ за скенирање на сертификатите и потврдите се однесува само на грчки граѓани и на државјани на земјите членки на ЕУ, односно на оние кои имаат европски сертификат.

За останатите, за државјаните на трети земји доволно ќе биде само при влезот да се покаже сертификатот за вакцинација во печатена или електронска верзија, заедно со документ за лична идентификација.

Појаснувањето доаѓа откако конкретната апликација, при скенирање на специјалниот QR код на сертификатите за вакцинација од трети земји, меѓу кои и оние од Северна Македонија и Србија, покажуваше црвен знак, односно не го признаваше сертификатот, па затоа сега верификацијата ќе се врши само со проверка и покажување на потврдата.

Апликацијата „Covid Free GR“ беше воведена, откако грчката Влада донесе одлука во внатрешните делови на угостителските објекти и затворените кина и театри, дозволен да биде влез само за вакцинирани гости, додека пак за ноќните клубови важи и за оние на отворено и на затворено.

„Covid Free GR“ е апликација што се однесува исклучиво на внатрешноста во Грција и за посета на конкретните простори (кина, театри, кафулиња, ресторани, на затворено и ноќни клубови и на отворено и на затворено) и воопшто не е на никој начин поврзана со влез во земјата преку граничните премини, а граѓаните не е потребно да ја симнуваат и да ги скенираат сертификатите доколку планираат да патуваат во Грција.


Администратор
23/07/2021 02:28