Постапката за јавна набавка на терминали за вчитување на отпечатои од прсти, што првпат треба да се користат на локалните избори, е во тек. Вчера се отворени понудите. Пријавени се четири компании и постапката продолжува да тече, изјави денеска за МИА претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски во изјава .

Тој смета дека терминалите ќе бидат набавени навреме за локалните избори, кои, според него, најверојатно би биле распишани на почетокот на август.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница усои ИКТ Стратегија, за која Даштевски вели дека ќе овозможи заштита повисока од претходните избори, кога Комисијата не можеше навреме да и ги презентира резултатите од изборите на јавноста.

Разговорот со Даштевски го објавуваме во целост:

Господине Даштевски, до каде е постапката за набавка на терминали за вчитување на отпечатоци од прсти?

Постапката за јавна набавка за гласање со отпечаток на прст е во тек. Минатата недела имавме известување за целокупната јавност дека ќе биде отворање на понудите вчера, како и што се случи. Се пријавија четири компании и постапката продолжува да тече – значи сега се другите дејствија што се предвидени во Законот за јавни набавки до конечното завршување, што ќе оде по истекувањето сите рокови предвидени по Законот за јавни набавки.

Ќе се стаса ли со набавката на терминалите за локалните избори?

Со оглед дека имаме уште три и пол месеци, речиси четири до избори, во зависност од тоа дали ќе бидат на 17, 24 или 31 октомври, сметам дека ќе се стаса.

До каде се другите подготовки за локалните избори? На што се работи во моментов Комисијата?

Другите подготовки се во тек по сите основи. Сега работиме на тендерите што се однесуваат на јавни набавки за доверливиот и недоверливиот материјал за избори. Денеска има седница за разрешување и избирање на нови по случаен избор членови на општинските изборни комисии, претседатели, потпретседатели и членови, а после тоа ќе почне изборот на избирачките одбори, што значи дека овој пат ќе бидеме најподготвени бидејќи се промени законот. Тогаш беше три дена од распишувањето на изборите, а сега може и претходно, така што тие дејствија што се многу важни и што одземаат многу време, бидејќи мандатот на тие тела им истече, ќе бидат завршени пред рокот.

Кога треба да бидат распишани крајно локалните избори?

Како што веќе знаете, претседателот на Собранието Талат Џафери веќе даде изјава дека ќе бидат распишани на крајот на јули, почеток на август. Јас сметам дека би биле почеток на август. Имаме шанси да бидат, бидејќи законот се промени во договор со опозицијата и власта, значи се смени и сега се во втората половина на октомври, тоа значи или 17 или 24 или 31 – кој и да е од тие датуми, ние сме подготвени да одговориме.

Дали ДИК работи на надградување на компјутерскиот систем за да нема проблеми, како на последните парламентарни избори?

За тоа имаме направено посебна стратегија, еве денеска ќе биде, бидејќи е прочистена, ИКТ-стратегија за наредните две години и ќе биде имплементирано тоа во работата, така што имаме ангажирано и надворешни експерти, бидејќи знаете дека за тоа не е доволно да имате само инженери, туку треба да има програмери и професори итн. Имаме ангажирано и експерти преку Меѓународната организација за изборни системи ИФЕС така што сметам дека овој пат тоа ќе биде на многу повисоко ниво од претходниот.


Администратор
02/07/2021 15:14