Бесплатно следење на натпреварите во женската фудбалска Лига на шампиони (ЛШ) почнувајќи од групната фаза ќе им овозможи договорот вреден рекордни 32 милиони долари што УЕФА денеска го потпиша со глобалниот спортски стриминг сервис „ДАЗН“ и платформата за споделување видеа „Јутјуб“.

Двете страни не објавија финансиски детали од четиригодишниот договор, но агенцијата „Блумберг“, повикувајчи се на свои извори, јави дека соработката е во вредност од осум милиони долари по сезона, што е највисок износ поврзан со женскиот фудбал во глобални рамки.

Лигата на шампиони за жени од сезоната 2021/22 што почнува во август ќе се игра во нов формат со групна фаза, како и елитното машко клупско натпреварување.

Претходно, УЕФА во април годинава објави нова стратегија за развој на женскиот фудбал одобрувајќи рекордни 24 милиони евра финансиска помош за женските клубови од цела Европа.

Македонскиот шампион Каменица Саса својот противник во првото квалификациско коло во ЛШ ќе го дознае на утрешната жрепка со почеток од 13 часот во седиштето на УЕФА во Нион.