Локалната самоуправа на Зрновци го комплетираше проектот „Мултифункционален центар“ со кој е реконструиран и адаптиран дел од приземјето на општинската зграда, наменет за потребите на месното население.
На површина од над 200 квадратни метри уреден е клуб за пензионерите со тоалети и чајна кујна, простории за младинскиот совет и за центарот за социјални услуги. Исто така, направена е и реконструкција на надворешната фасада на објектот.
-Се работи за простор во приземјето на јужната страна од зградата на локалната самоуправа, што порано бил наменет за состаноци на месната заедница, за забава на младите и за други потреби на месното население, но подолг период не се користеше и беше во процес на пропаѓање. Заради обезбедување подостоинствен живот на старите лица и за подигнување на квалитетот на живеење и обезбедување институционално учество на младите во донесувањето одлуки на локално ниво, општината претходно ги вклучи граѓаните преку форумски процес, истакна градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков.
За целата инвестиција Општина Зрновци обезбеди 2,7 милиони денари преку Проектот за зајакнување на општинските совети на УНДП, што финансиски е подржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), како и сопствено кофинансирање во износ од 600 илјади денари.