Градот Скопје денеска ја почна постапката за јавна набавка за изработка на основниот проект за реконструкција и изградба на булеварот Цветан Димов во општината Чаир, на потегот од крстосницата со улицата Џон Кенеди до крстосницата со булеварот Никола Карев.

Проектната задача предвидува модерно булеварско решение со 6 коловозни ленти, по 3 во една насока, тротоари, велосипедски патеки, зеленило и ново осветлување по должината на целата траса од 1.100 метри. Од особена важност е фактот што на овој потег е предвидено да минува втората траса на БРТ системот на брз автобуски превоз која ќе се движи од Бутел до Кисела Вода.

- Изградбата на овој дел од булеварот Цветан Димов е од исклучителна важност за жителите на општините Чаир и Бутел, од причина што ја врзува улицата Џон Кенеди со булеварите Крсте Мисирков и Никола Карев. Изработката на овој основен проект верувам дека ќе биде добра основа да се создадат услови веќе следната година да влеземе во реализација на изведбата на овој дел од булеварот Цветан Димов – рече на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов.

Значајно е да се нагласи дека со развојот на сообраќајната инфраструктура во северниот дел од градот, Градот Скопје создава услови кои директно влијаат на зголемување на мобилноста на жителите на овие скопски општини, што индиректно влијае и на подобрувањето на локалниот економски развој.

- Придобивките од нашите заложби во овој дел во изминатите 4 години граѓаните веќе почнаа да ги чувствуваат и поздравуваат, што особено ме радува. Тоа, на некој начин е реализација на нашата визија за Скопје како еднаков град за сите жители кои во него го основале својот дом - нагласи градоначалникот Шилегов.

На денешната прес-конференција присуствуваше и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.


Администратор
23/06/2021 13:32