Македонската премиера на филмот „Сите против сите“ (Vse protiv vse) – словенечко-македонско-хрватска копродукција во режија на Андреј Кошак, ќе се одржи вечер со почеток од 20 часот, во киносалата на Кинотеката на Република Македонија.

Станува збор за последниот игран филм од режисерот Кошак, со чија проекција Словенечката амбасада во Скопје ја одбележува и 30 годишнината од независноста на Република Словенија.

Пред проекцијата на публиката ќе ѝ се обрати амбасадорот Милан Предан, а потоа и режисерот и сценарист на филмот Андреј Кошак.

„Сите против сите“ е политички трилер кој третира теми како што се: изборните измами, распаѓањето на моралните вредности и корупцијата на општеството… Градоначалникот на Ровте, гратче во подножјето на Алпите, се наоѓа пред пораз на престојните локални избори. За да си обезбеди уште еден мандат, тој бара помош од озлогласен криминалец. Во четирите денови до датумот за избори – сè може да се случи.

Овој филм доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република С Македонија – преку продукцијата „MIND Production“ и продуцентите Илија Циривири и Дејан Илиев. Исто така, македонски „влог“ во филмот се и актерите Благој Веселинов и Милан Тоциновски, како и монтажерот Мартин Иванов.

Филмот на Кошак, како што се посочува во соопштението, само во првата половина на 2021 освои дузина награди на разни филмски фестивали: Europa Film Festival, 2021 (Награда на жирито за најдобар игран филм); NIFF – Noida International Film Festival, 2021 (Најдобра камера); Indian World Film Festival, 2021 (Најдобар филм); FINDECOIN – Independent International Short & Feature Film Festival, 2021 (Најдобар наративен филм), ADIFF – Actor & Director Awards International Film Festival, 2021 (Најдобра режија); Teknochat Fantastic Film Festival, 2021 (Најдобар игран филм); Festival Internacional de Cine de Bayamón, 2021 (Најдобар игран филм).

Режисерот Андреј Кошак (1965, Љубљана) ѝ е добро познат на македонската културна јавност, па и пошироко на балканските простори. Неговиот игран филм АУТСАЈДЕР (Outsider, 1997) за панк-сцената во Љубљана во 1980-тите години, е еден од најгледаните словенечки филмови на сите времиња. На сценариото за филмот ЗУЕЊЕ ВО ГЛАВАТА (Zvenenje v glavi, 2002) со Петар Арсовски во една од улогите, работеше и Дејан Дуковски, а во претпоследниот негов филм, комедијата ШОК-СОСТОЈБА (Stanje šoka, 2011) учествува и македонската продукција „Вертиго“ од Скопје.

Проекцијата на „Сите против сите“ ќе се одржи во летното кино на Кинотеката, а влезот е бесплатен. Филмот ќе се прикаже со македонски и англиски титли. Доколку временските услови не дозволуваат следење на филмот на отворено, проекцијата ќе се одржи во киносалата на Кинотеката со ограничен број на гледачи, наведуваат од Кинотеката.


Администратор
23/06/2021 10:23