Македонскиот вицешампион Шкупи потпиша едногодишен договор со косовскиот интернационалец Бујар Шабани, кој е шестото засилување во редовите на скопскиот прволигаш пред стартот на новата фудбалска сезона.
Искусниот 30-годишен дефанзивен играч за врска доаѓа во Шкупи од редовите на косовскиот вицешампион Дрита, а претходно во кариерата го носеше дресот и на повеќекратниот албански шампион Скендербег.
Претходно, Шкупи го искористи преодниот рок да ги засили своите редови со Фисник Зика, Блертон Шеји, Томе Китановски, Кире Марковски и Константин Чешмеџиев.
Екипата на Шкупи во моментов се подготвува во Охрид за својот прв официјален настап во новата сезона, кога на 8 јули на Арената „Тодор Проески“ во Скопје го пречекува косовскиот тим Љапи во рамки на првото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА.