Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон ќе се обиде следната сезона да и помогне на екипата на Парма да се врати во Серија А, откако денеска официјално е соопштено дека 43-годишниот чувар на мрежата се врати во клубот во кој ја започна својата блескава кариера.

– „Супермен“ се врати, потврди попладнево Парма на својот Твитер профил, објавувајќи, притоа, кратка видеопорака со зборовите на Буфон: „Се вратив“.

Рекордер според бројот на одиграни натпревари во Серија А (657), почнувајќи од својот прв натпревар како голман на Парма во 1995, на 17- годишна возраст, Буфон досега само еднаш играше во втората лига, во сезоната 2006/07 кога Јувентус беше казнет во рамки на скандалот „калчополи“.

Буфон во мај објави дека дефинитивно заминува од Јувентус, клубот со кој освои десет шампионски титули, пет национални купови и шест трофеи во Суперкупот.

Единствениот клупски трофеј што недостасува во кариерата на Буфон е Лигата на шампиони, претрпувајќи со Јувентус три порази во финалињата во 2003, 2015 и 2017).

Италијанските медиуми објавија дека Буфон се согласил да остане во Парма во следните две години, со гаранции дека ќе биде во првиот тим и ќе ја носи капитенската лента.