Планината Илиница која се надвиснува речиси вертикално на истокот од Кичево, нуди неповторлив полед на градот и цела кичевија. Токму поради можностите што ги нуди се повеќе е посакувана од рекреативците од градот, вели Бобан Стојаноски, извидник и додава дека секој што барем еднаш се искачил на Илиница кога ќе погледне од нејзиниот врв, ќе посака барем уште еднаш да се најде на ова место.
– Порано Илиница беше позната единствено по репетиторот од каде што зрачеше програмата за Кичево и околината. Но, последните десеттина години се поголем е бројот на млади кои редовно се искачуваат на оваа планина. Искачувањето е малку непријатно, бидејќи треба да се искачувате по исклучително стрмен терен, но кога ќе се искачите на врвот заборавате на сиот напор, опседнати од неповторливата глетка од каде цело Кичево се укажува како на дланка, а погледот допира до целата кичевска котлина, посочува Стојаноски, кој како началник на извидничкиот одред во повеќе наврати се искачувал на овој врв со поголем број на членови од друштвото.
Тие во неколку наврати спроведоа и еколошки акции со кои го собраа ѓубрето кое при посетите на врвот го оставиле неодговорните планинари и искачувачи. Дури имаше иницијативи да се изгради жичарница од градот до врвот на Илиница, но засега тоа остана само неостварена желба на група ентузијасти од градот. На рекреативците сега им се нудат две алтернативи дали да тргнат на запад кон Крушино или на исток кон Илиница.