Косовскиот министерот за финансии, труд и трансфер, Хекуран Мурати вели дека Владата предводена од Албин Курти очекува оти 2021 година ќе има „најдобри економски перформанси во последните две децении, од аспект на приходите, вработувањето и економскиот развој“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи се на денешната седница на Собранието на Косово, посветена на економската состојба во земјата како последица на пандемијата на Ковид-19, Мурати рече дека единствениот пат за излез од вонредната состојба и за создавање предуслови за закрепнување, беше ставањето под контрола на бројот на заразени.

– Ние на самиот почеток на мандатот ја направивме таа разлика меѓу вонредната интервенција и закрепнувањето. Закрепнување без да се стави крај на пандемијата не може да има, изјави Мурати, нагласувајќи дека, кога пред два и пол месеци дојде на власт оваа влада, во Косово имаше 13 илјади, додека сега има околу 400 активни заболени од Ковид-19.

Претходничката на Мурати на чело на косовските финансии, актуелната пратеничка на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Хикмете Бајрами изјави дека ниту за намалувањето на бројот на случаи на заболени, ниту за економското заздравување, заслугите не припаѓаат на владата на Курти, туку се резултат на мерките на претходната влада, предводена од нејзиниот сопартиец, Авдулах Хоти.

Според Бајрами, видниот пораст на извозот на домашните компании во првите пет месеци на годинава се должи токму на помошта што им ја додели претходната влада, но пред се на фактот дека не се дозволи тие да се затворат.

– Бесмислено е да се гордеете со падот на бројот на заразени, затоа што нема ниедна одлука или мерка за која вие имате заслуга. Ако говориме за мајските бројки, нема таква економска мерка или одлука која ќе даде ефекти за еден месец. Курти го презеде мандатот на 22 март и не знам за каква економска програма зборувате. Ние направивме сé за да не дојде до тотално затворање. Закрепнувањето се случува многу побргу, и од нашите и од предвидувањата на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, токму поради мерките кои ние ги донесовме, изјави Бајрами.


Администратор
14/06/2021 13:34