Енес Палазоски (26) од Кичево ќе биде запаметен како еден од ретките случаи во спортот, кој по само три месеци активна работа во боксот стана и државен првак. Тој и во полуфиналето и финалето ги победи своите противници со технички нокаут.

Негов идол во спортот е бестрашниот борец Мајк Тајсон и себе си се гледа на рингот во слична улога, како ги руши противниците уште во првата рунда.

-Јас отсекогаш сум го сакал Мајк Тајсон кој за мене беше пример на бестрашен борец, кој знаеше да чекори само напред и за кусо време да ги совлада своите противници. Поттикнат од мојот идол пред три месеци почнав да тренирам бокс, а мој тренер во овој период е Џемал Елмази, кој ми пренесе многу тајни од овој спорт,. Очекувам во наредните две до три години да се борам и за европска титула, а во наредните шест години да се најдам и во светскиот врв. Сите тренери кои присуствуваа на државниот натпревар се изненадени од квалитетот и можностите кои ги поседувам за бокс, вели Енес Палазоски.

Тој смета дека има простор да напредува и да се надградува.

– Благодарение на мојот тренер Елмази и мојата желба што ме води, планирам од ден на ден се повеќе да напредувам и со брзи чекори да одам повисоко на европската и светска ранг листа. Јас сум боксер од супер тешка категорија, но сметам треба да ја лимитирам својата тежина на околу 105 килограми од сегашните 125 килограми, посочи Палазоски и потсети дека во земјава не гледа противник кој може да му биде конкурент во оваа категорија, а колку навистина вреди ќе потврди и наредниот Балкански шампионат на кој планира да учествува.

Тој е благодарен на државата што му додели стипендија, која е дополнителен стимул за натамошна работа.

– Благодарен сум на државата што ми обезбеди стипендија, која уште повеќе ќе ме стимулира да продолжам по зацртаниот пат, истакна Палазоски, кој во двата меча од Државниот шампионат најпрво го совлада Азем Рамани и потоа Сејхан Демиров од Штип.

Има 26 години и допрва се очекува да ги бере плодовите од својот талент и желба за работа.


Администратор
13/06/2021 12:21