Короната ги згасна рефлекторите минатата година за планираното издание. Но, организаторот Центарот за култура од Битола не дозволи пандемијата целосно да го замрзне актерското време.

- Сонувавме за оваа година и за Фестивалот кој сакавме да се одржи. И успеавме, зошто сцената е место на кое луѓето колективно сонуваат. Овој фестивал ќе биде добар доказ дека театарот секогаш ќе го пронајде својот нов Модус Вивенди со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола, истакна Маја Андоновска Илијевски директор на Центарот за култура.

Рефлекторите ќе се вклучат на 22 јуни, на неколку сцени низ Битола, а Интернационалниот Фестивал на Монодрама ќе живее 6 денови зад отворени врати со своја официјална и офф програма.

- Mонодрамата, како форма, покажа дека времето на пандемија не може да ја замолчи. Сведоци бевме на крикот на актерите кои моноспектаклот го избраа да се изразат. И да имаме навистина во време на пандемија и одлучна продукција. Така, со одлука на Фестивалскиот совет, како селектор ја поддржав идејата сите оние актери од нашата земја, кои во оваа година се појавија со свои проекти, а и од оние кои минатата година беа селектирани, да настапат. Ваква една специфична година заслужуваше поинаков третман, а ние како Фестивал ја покажавме својата големина. 10 монодрами во официјална конкуренција, сите продуцирани во нашата држава, зошто патувањата за гости од странство се сѐ уште проблематични, а е и добра поддршка за домашната театарска продукција. Ќе имаме и еден танц перформанс во офф програмата и премиера на класична театарска претстава во чест на наградените, вели актерот Петар Мирчевски кој е селектор на фестивалот.

Програмата официјално ќе биде соопштена во понеделник.


Администратор
12/06/2021 12:23