Општина Куманово е дел од проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“, информираа денеска надлежните од секторот за урбанизам. Двегодишниот проект врши инвентаризација на градбите со културно наследство за градот, како и користење нови алатки за видливост на објектите.

Куманово е една од осумте општини од државата кои како членка на Асоцијацијата на градови со културно наследство заедно со градовите членки на асоцијацијата од Албанија со поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Франција ќе го реализира проектот.

– Целта на проектот е да се зајакнат капацитетите пред сè за заедниците од државава и Албанија, помогнати од стручни тимови, консултанти од Република Франција. Постојано се одржуваат работилници, каде преку нови алатки и методи, работиме на инвентаризација на градбите со културно наследство, значајно културно наследство во градот. Како крајна цел ќе биде изработка на проект, кој понатаму ќе биде основа за финансирање од меѓународните фондови, изјави раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска.

Во Куманово избран е објектот поранешен хотел Куманово со низата станбено-деловни објекти долж улицата „11 Октомври“. Втората работна група ќе работи на сигналитика, што подразбира поврзување на пешачки коридор и означување на објектите од културно наследство преку нивно обележување, кодови за подетален опис на секој културен споменик.

– Нашата патека е од џамијата, потоа хотел Куманово со низата која е опфатена во инвентаризацијата, Касапски круг, Занаетчиски дом и завршуваме со хотел Солун. Тоа е патека која ќе се користи како пешачко движење, ќе бидат обележани спомениците на културно наследство со информации за културното наследство од кога потекнува, кодот ќе ги носи до некои интересни приказни, анегдоти, се со цел на овој начин да го поттикнеме и движењето, пешачењето, велосипедизмот кој пак ни е поврзан со планот за урбана мобилност, а исто така и да придонесеме и туристите кога ќе дојдат во градот, да знаат кој објект има какво значење за нашиот град- појаснува Сларидис.

За потребите на проектот ангажиран е работен тим од вработените од секторот за урбанизам, партнер во овој проект е Националниот конзерваторски центар од Скопје и неколку надворешни соработници.