Немам зборови со кои можам да го изразам своето разочарување од неодговорноста на жителите на Кичево и селата.
Од година во година хигиената на речните корита во Кичевијата забрзано се влошува. Екологистот Миле Алексоски истакнува дека нема дел од некое речно корито каде барем на неколку места нема диви депонии создадени како од локалните жители, така и од граѓаните на Кичево.
– Немам зборови со кои можам да го изразам своето разочарување од неодговорноста на жителите на Кичево и селата. Крај речните корита на сите притоки на Треска создадени се безброј диви депонии.Секој што сметал дека одредени предмети не му се потребни потребни во домот, ги одложил крај речното корито на некоја од притоките на Велика Река. Има сè и сешто, од бела техника, мебел, до комунален отпад и пластика. Сите патчиња до кои може да се стаса со возило се преполнети со ѓубре, вели Алексоски.
Тој прашува дали некогаш ќе проработи свеста кај граѓаните за зачувување и чистота на животната средина.
– Кога ќе прошетам крај речните корита провото прашање што ми се наметнува е каде е свеста на граѓаните и дали еден ден ќе станат поодговорни кон околината или не. Одговорот го дава самата слика од терен. Секој како да гледа ѓубрето да е подалеку од неговиот дом а за останатото други нека му мислат, додава Алексоски.
Тој препорачува за барем малку да се подобри сликата кај реките во овој регион, треба да следи организирана акција на екологистите и инспекциските служби. – Само така сплотени и на долг рок ќе придонесат да се промени стојбата, во спротивно ќе бидеме сведоци на нови и нови диви депонии, рече тој.