Здружението на граѓани „Ековита” прави анкета меѓу неготинци, за тоа дали се против најавената гасна централа кај Неготино. Претседателот на Здружението, Сашко Тодоров за МИА рече дека анкетата ќе даде одговор за тоа што мислат граѓаните, дали се почитува Архувската конвенција од страна на локалната заедница.
-Ќе добиеме одговор од анкетираните, дали се почитува мислењето на неготинци околу најавената гасна централа во близина на Неготино, која би согорувала комунален отпад од цела држава и би произведувала електрична енергија, појасни Тодоров, кој е дипломиран инжењер по биологија.
Анкетата е дел од проектот еколошки барометар, а таа опфаќа 130 жители на Неготино и две села во близина на локацијата за најавената инвестиција, Војшанци и Тремник. Тодоров рече, по случаен избор, со почитување на полова, верска и возрасна структура.
-Анкетата ја поддржува Здружение за статистика и анализа ЗМАЈ од Скопје. Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада, преку „Цивика мобилитас”, информираше Тодоров.