Македонските кадетски прваци во пинг-понг викендов настапуваат на силен меѓународен турнир во Црна Гора, додека младинските репрезентативци се на тренинг камп во Струмица во рамки на подготовките за претстојните натпреварувања.
Како што денеска соопшти Пингпонгарската федерација на Македонија (ППФМ) на турнирот во Подгорица во конкуренција на 50 пингпонгари од 20 земји, настапуваат државните прваци во категорија на млади кадети, Љупчо Треновски и Фани Јовановски, предвоени од тренерот Мартин Стаменковски.
Кампот во Подгорица е под покровителство на ЕТТУ и е наменет исклучиво за млади таленти.
Останатите играчи, членови на репрезентацијата се подготвуваат во Струмица каде во организација на ППФМ сеодржува тренинг камп во кој се вклучени селекторот на државните репрезентации, тренерите на младинските категории и спаринг партнери од Македонија и странство.
– Со овие подготвителни тренинг кампови продолжува планот на пинг понгарска федерација онаму каде што застана реализацијата на програмата за подигање на квалитетот на македонскиот пинг-понг во младинските категории, со цел репрезентативците достојно да ги бранат боите на државниот дрес на меѓународните натпреварувања кои следуваат,, соопшти ППФМ.