Ако до пред пет-шест години Кичево важеше за спортски град со повеќе успешни клубови, оваа година градот доживеа целосна спортска ерозија, откако испадна од Втората лига и единствениот клуб од овој град во вториот ранг на натпреварување ФК Влазерими. Така градот, кој пред 15 години имаше два прволигаши Напредок и Влазерими, денес нема ниту еден второлигаш и се сведе на три клуба во Третата лига.

-Од она што се стравуваше во изминатиот период за жал се случи оваа пролет и последниот фудбалски второлигаш од Кичево, ФК Влазерими да испадне од Втората лига и да се најде во третиот ранг на натпреварување заедно со Напредок и Зајас, вели Џевдет Далипи спортски работник од Кичево.

Ако се навратиме на претходниот период и сами ќе се увериме колку низ годиниве Кичево назадуваше на спортски план. Во 2005-2006 година Кичево имаше дури два клуба во Првата лига, Напредок и Влазерими, а постариот прволигаш Напредок имаше можност да се избори и за европско натпреварување, за денес едвај да преживува во Третата лига, додека судбината на Влазерими се уште во целост не е јасна, вели Далипи, во еден подолг период член на клубската управа на Влазерими, кога клубот бележеше голем успон.

Тој има свое видување зошто се случи ваков драстичен пад на спортот во Кичево и овој град од фудбалски епицентар да се претвори во спортска маргина.

-За актуелната состојба во фудбалот причини има повеќе, а како најважни секако се малиот интерес на бизнис заедницата да вложува во спортот и на тој начин да добие и сопствена афирмација и се помалиот интерес на младите за спорт, поконкретно за фудбал. Без овие два предуслова тешко може да се замисли фудбалски прогрес на подолг рок. Ако состојбите наскоро не се променат лесно може да се случи Кичево да се претвори во град без фудбал, додава Далипи.

Ако се навратиме на периодот пред петнаесетина години ќе заклучиме дека Кичево е град губитник во однос на резултатите на спортските клубови во целост.

-Пред пет години Кичево го доби и единствениот клуб шампион во земјава во машка одбојка ОК Шутова, за по две години овој клуб целосно да згасне. Ракометната гордост РК Кале подолг период беше вториот најуспешен клуб во земјава одма зад неприкосновениот Европски првак Кометал Ѓорче Петров, на кого му го нанесе и првиот пораз воопшто и долги години беше успешен преставник на земјава во европските купови. Слична судбина доживеа машкиот ракометен клуб, кошаркарскиот клуб со многу таленти, а од поодамна на спортската мапа го нема стрелаштвото,бгимнастиката и каратето.бСтадионите беа преполни гледачи, како и спортските сали за денес се да остане само на убавите спомени, додава Петар.Т. постар жител на градот разочаран што спортско Кичево забрзано умира.

Кичево спортски умира, иако располага со доста развиена теренска инфраструктура од фудбалски терени, спортски сали, СРЦ „ Крушино“, патека за кружни натпревари во автомобилизам и велосипедизам и многу други погодности кои, за жал, не се валоризираа на спортски план.