Австрискиот селектор Франко Фода денеска го објави изборот од 26 фудбалери за Европското првенство на кое противник во премиерниот натпревар во Групата Ц, на 13 јуни во Букурешт, ќе им биде македонската репрезентација.

По подолга пауза поради повреда на лигаментите на колената во австрискиот состав се враќа 33-годишниот капитен Јулијан Баумгартлингер од Баер Леверкузен, како и 21-годишниот играч за врска Кристоф Баумгартнер, кој поради повреда ги пропушти двата последни натпревари за бундеслигашот Хофенхајм.

Избраниците на Фода в четврток ќе ги стартуваат завршните подготовки за „Еуро 2020“ на австриска почва, од каде на 1 јуни заминуваат за Мидлзборо, каде ден подоцна го играат првиот подготвителен натпревар против домаќинот Англија.

Пред заминувањето за Букурешт, репрезентацијата на Австрија ќе одигра уште еден пријателски натпревар, на 6 јуни против Словачка во Виена.

Составот на Австрија за Еуро2020:

Голмани: Даниел Бахман, Павао Перван, Александер Шлагер.

Одбрана: Давид Алаба, Александар Драговиќ, Марко Фредл, Мартин Хинтерегер, Штефан Лајнер, Филип Лејнхарт, Стефан Пош, Кристофер Тримел, Андреас Улмер.

Среден ред: Јулијан Баумгартлингер, Кристог Баумгартнер, Флоријан Грилиш, Стефан Илсанкер, Конрад Лајмер, Валентино Лазаро, Марсел Сабицер, Луис Шауб, Ксавер Шлагер, Алесандро Шопф.

Напад: Марко Арнаутовиќ, Михаел Грегорич, Саша Калајџиќ, Карим Онисиво.