Откажано наградното патување низ Европа за најдобрите матуранти од Делчево кои годинава ќе бидат наградени со парична награда. Поради актуелната пандемија и за оваа генерација матуранти, како што информираа од Општината е откажана матурската прослава, како и наградното патувањето низ Европа кое се заменува со парична награда за најдобрите десет матуранти.
-Оваа награда е традиционална, а наместо планираната екскурзија низ Европа која се откажува од разбирливи причини, најдобрите матуранти годинава ќе добијат парични награди од општинскиот буџет за поддршка на млади таленти. Одлуката е на предлог на градоначалникот Горан Трајковски, а истата и оваа година треба да ја усвои општинскиот Совет, по што најдобрите матуранти од Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево ќе добијат парична награда во износ од 20.000 денари, информираа од Општината.
Во меѓувреме Комисија од делчевската гимназија „Методи Митевски – Брицо“ ги прогласи најдобрите матуранти од Делчево. -За првенец на генерацијата е прогласена матурантката Милена Начевска, која заедно со уште девет други ученици се избрани за најдобри. За ученикот на генерацијата предвидена е стипендија во износ од 3000 денари во текот на девет месеци, додаваат од училиштето.
Оваа генерација матуранти е 60-та генерација од отворањето на делчевската гимназија, а годинава како што дополнија од гимназијата Средното образование успешно го завршија 90 матуранти.