Фудбалскиот клуб „Локомотива“ од Градско првпат во својата 73 години долга историја влезе во натпреварите од Втората лига – Исток откако вчера Управниот одбор на ФФМ одлучи да го прекине првенството во Третата лига-југ, со седум неодиграни кола и така ФК Локомотива“ како првопласирана во прекинатата сезона 2020/2021 да оди во повисок ранг.
Ваквата одлука со радост ја примија жителите на Општина Градско и од Општина Градско, Советот и градоначалникот Роберт Бешовски, а кои во 2018 година на барање на жителите по десет години пауза помогнаа клубот да се рестартира и да се формира ново раководство на клубот и со нови играчи најпрво да се приклучи во натпреварите од Општинската лига- Велес.
Веќе во натпреварувачката сезона 2019/2020 година ФК Локомотива влезе во натпреварите од Третата лига- Југ каде од последно место во сезоната 2019/2020 година, во првиот дел од оваа годинашна сезона 2020/2021 во есенскиот дел се избори за првото место во лигата.
Како првопласирана остана и во пролетниот дел, а со вкупно 51 бод во натпреварувачката сезона 2020/2021 со одиграни 21 натпревар од кои 16 победи, три нерешени, два порази и со прекинати преостанатите седум кола, според одлуката за ФФМ, информира за МИА, Цане Будимов претседател на Управниот одбор и поранешен фудбалер. Градоначалникот Роберт Бешовски честитајќи им го влегувањето во Втората лига – Исток и посакувајќи им многу успеси воедно информира дека како и досега Општина Градско ќе продолжи со финансиската поддршка на клубот.
Честитки и благодарност за играчите на големиот подвиг секако и на луѓето од организацијата и Управата на клубот кои се заслужни за големиот успех. Ние како Општина Градско како и досега и понатаму ќе ја даваме финансиската и друга поддршка на ФК Локомотива. Да истакнам дека тие се гордост на Општина Градско и нивниот успех воедно е мотив на младите да се приклучат кон фудбалот и кон останатите спортови, а тоа ќе придонесе и за понатамошен развој на спортот во Општина Градско, потенцира Бешовски. Воедно информира дека освен фирмата МИ – Комерц од Кавадарци кој е еден од главните спонзори, клубот има спонзорство и од други фирми, а кои и досега го помагаа клубот, а и понатаму остануваат како спонзори.
Клубот ФК Локомотива од Градско е формиран во далечната 1948 година под името ФК Железничар, сè до 1958 година, а кога е преименуван во ФК Локомотива.
Основачите на клубот, името на клубот во Градско го дале иницирани од познатата автентична железничка станица во Градско која е симболот на Градско, за жал срушена на крајот на Втората светска војна од фашистичките сили на повлекување од Градско, воедно и по тогаш развиен железнички сообраќај кој поминувал и поминува низ Градско.
Железничкиот сообраќај во Градско е со традиција од 1873 година кога била пушена железничката пруга Солун-Скопје, а при чијашто изградба во периодот 1871-1873 година била формирана и новата населба никната покрај самата пруга, именувана во Градско.