Со поставување целосно нов асфалтен слој на една од најдолгите улици во градот во должина од над еден километар и широчина од над 6 метри, Општина Радовиш почна со подобрување на сообраќајната инфраструктура.

Имено, деновиве почна асфалтирањето на улицата „Свети Спасо Радовишки“, односно поранешниот патен правец преку кој се влегуваше и излегуваше од Радовиш.

-За поставување нов слој асфалт обезбедивме 2,3 милиони денари од општинскиот буџет и со тоа вршиме значајно обновување на собраќајната инфраструктура и развивање на регионалната патна мрежа, вели градоначалникот Герасим Конзулов.

Додава дека покрај оваа улица ќе се асфалтираат уште шест помали во градот, а деновиве почнува изградбата на пешачка и велосипедска патека на булеварот „Александар Македонски“.

Изминатите денови улици во повеќе населени места се уредени со бехатон со вкупна површина од 11 илјади метри квадратни. Бехатон е поставен на улици во селата Злеово, Раклиш, населбата Куклевица и во селото Подареш.