Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека случајот со протерувањето на рускиот дипломат од земјава бил документиран и оти не станува збор за импровизација. Нему, нагласи претседателот, му е даден рок од седум дена да ја напушти земјава.

-Информиран сум од пред неколку дена, се разбира како и другите надлежни органи. Од она што го видов случајот беше од надлежните институции документиран, значи не стануваше збор за импровизација, меѓутоа поради природата на работата неможам понатаму да коментирам, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по вацинацијата против Ковид-19 на вакцинален пункт во Куманово.

Во врска со дадениот рок од седум дена за напуштање на државава, Пендаровски истакна дека се водело сметка и за човечкиот аспект, а не само за дипломатската конвенција.

-Се водеше сметка да не биде тоа преку ноќ, тие луѓе имаат семејства, имаат други интереси, не е хумано да постапуваме на таков начин, рече претседателот Стево Пендаровски.

Министерството за надворешни работи денеска информира дека прогласило дипломат на руската Амбасада во Северна Македонија за непожелна личност.

-Министерството за надворешни работи, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија, стои во соопштението на МНР.

Во оваа насока, додава МНР, на 14 мај 2021 година, во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан амбасадорот на Руската Федерација, при што беше врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена


Администратор
18/05/2021 16:37